Цела низа тегли за бебешка храна од Хип (HiPP) се повлекува од повеќе од 1.000 супермаркети SPAR во Австрија поради безбедносни причини, соопштија во саботата производителот на бебешка храна и синџирот супермаркети.
„Не може да се исклучи дека во производот е внесена опасна супстанца“, се вели во соопштението на Хип (HiPP), додавајќи дека бебешката храна во стаклени теглички со зеленчук и морков од Хип можеби се манипулирани.
„Консумирањето на содржината од стаклената тегла може да биде опасно по живот“, се вели во соопштението.
Во Австрија, станува збор за бебешка каша со вкус на морков и компир во пакување од 190 грама.
Од Хип Македонија се огласија со соопштение при што посочија дека спорниот производ кој се повлекува од супермаркетите во Австрија, поради потенцијална опасност по здравјето од вметнати одредени материи во процесот на дистрибуција, не се увезува ниту се продава на македонскиот пазар. „
„Напоменуваме, повлекувањето не е предизвикано од недостаток на квалитет на производот. Се работи за казниво дело кое е под истрага на локалните власти во Австрија.Сакаме да потенцираме дека Хип како најреномиран производител на органска бебешка храна, отсекогаш спроведува најстроги контроли на своите производствени процеси а исто така сите производи подлежат на контрола при увозот од страна на нашите надлежни институции и истите се безбедни за употреба“, се вели во нивното соопштение.
Портпаролот на супермаркетот СПАР (SPAR) за новинската агенција Ројтерс изјави дека масовното повлекување е мерка на претпазливост и влијае на 1.500 продавници на трговецот на мало во Австрија, но без влијание врз продавниците на други места.
„Според нашите моментални сознанија, оваа критична ситуација вклучува надворешно криминално мешање кое влијае на дистрибутивниот канал на СПАР Австрија“, изјави портпаролот на Хип за новинската агенција Ројтерс, додавајќи дека производството и гаранцијата за квалитет остануваат непроменети.
Спар и Хип ги советуваа клиентите да не ја консумираат содржината на теглите купени од Спар Австрија и рекоа дека клиентите ќе добијат целосна наплата на парите за вратените производи.
Според австрискиот весник „Кроне“, компанијата Хип е уценета, а ситуацијата е исклучително сериозна. Компанијата одби да ја открие специфичната опасната супстанција што е вклучена.Но, според информациите на весникот засега е потврдено дека една тегла со храна за бебиња запленета во Бургенланд содржела отров за стаорци. Полицијата започнала истрага, по соопштението на Хип.
Како што објави компанијата, сомнителните производи може да се идентификуваат по бела етикета со црвен круг на дното од теглата. „Спар“ и „Максимаркт“ веднаш го повлекоа целиот асортиман од своите полици.


