Груевски до Филков: Провери што правел Заев кој слободно се шета како паун

Објавено:

Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски преку социјалната мрежа Фејсбук побара од актуелниот министер за правда Горан Филков да го истражи делувањето на неговиот опонент, поранешниот премиер Зоран Заев, за кој како што вели, и покрај „сите криминали се шета слободен како паун низ Македонија“.

Ваквиот коментар на Груевски следува по изјавата на министерот Филков дека ја спроведува процедурата за екстрадиција, по најавата на новиот победник на изборите во Унгарија Петар Маѓар за враќање на осудените азиланти во нивните татковини. Груевски побегна од земјава откако Кривичниот суд донесе пресуда со казна затвор за кривично дело злоупотреба на службена должност во еден од предметите на Специјалното јавно обвинителство.

„Го гледам, и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Гледајќи од страна, воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омрза и валкани методи си заминала од власт. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее“, се вели во пишаниот говор на Груевски на Фејсбук.

Тој бара од министерот да собере информации за сведоците, за кои како што вели Груевски, биле уценети лажно да сведочат против него.

„ Да види како тоа сум набавил плацови а никому ниту сум дал пари, ниту сум побарал од него тоа да го направи во мое име, ниту пак фирмата која ги купила има било каква поврзаност со мене“, вели Груевски.

„Треба да се погледне директно во очи на историската вистина на случувањата во Макеоднија во тој период ако министерот сака да има професионален однос и да се дистанцира од злоделата и криминалите на тогашниот премиер Заев, кој денес слободен како паун се шета низ Македонија“, додава Груевски.

Груевски избега во Унгарија во 2018 година, кога требаше да влезе во затвор за издржување на двегодишната казна во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“.

Во меѓувреме, извршувањето на оваа казната застаре, па сега, за Груевски се активни две потерници – за предметот „Насилство во Центар“, за што е осуден на една ипол година заствор (застарува на 10 септември 2027 година) и за предметот „Плацеви на Водно“ со единствена казна затвор од девет години чие извршување застарува на 11 февруари 2043 година, соопштија од Кривичен суд.

Неколку министри за правда во поранешните влади на СДСМ и ДУИ бараа екстрадиција на Груевски од Унгарија, но тоа никогаш не беше реализирано.

Процедурата во Унгарија

Постапката за екстрадиција од Унгарија е двостепен процес (судски и министерски) според закон од 1996 година, кој вклучува судска проверка за легалност и министерска одлука за предавање, што генерално бара двоен криминалитет (казнлив до една година).

За земјите-членки на Европската унија (ЕУ) процесот е поедноставен, бидејќи се отстранува улогата на министерот при носење на одлука за екстрадиција.

Надлежен орган за унгарските процедури за екстрадиција е тамошното Министерство за правда, иако истрагите и апсењата честопати го вклучуваат Регионалниот суд на Будимпешта. Притоа, судот прво одлучува дали се исполнети законските услови (правна фаза), а доколку е одобрено, министерот за правда одлучува за самото предавање (политичка фаза). Потоа има судска проценка, при што судовите ја потврдуваат усогласеноста со меѓународните договори, обезбедуваат двоен криминалитет и го разгледуваат случајот.

Притворените лица имаат право на задолжителен бранител, особено за време на рочиштето за екстрадиција.

Сепак, постојат правни начини на кои новата унгарска влада би можела да иницира вонредна ревизија за да утврди дали условите за политички азил сè уште се исполнети. Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.

Во таа процедура, подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот.

Во меѓувреме останува непозната точната локација на Груевски, по најавата на опозицискиот лидер на Тиса кој го победи досегашниот долгогодишен пријател на Груевски Виктор Орбан, дека Унгарија нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил.