Лекари од дијаспората ќе ги лечат македонските пациенти

Објавено:

Здравствениот систем ќе се подобрува со телемедицина, а нејзината примена ќе го решава и недостигот на лекари во земјата, најавува министерот за здравство Азир Алиу. Говорејќи за предизвикот со заминувањето на здравствените професионалци од земјата, тој истакнува дека дел од решението лежи во вклучувањето на лекарите од дијаспората преку технологијата.

„Денес имаме голем број лекари во дијаспората кои се многу добри специјалисти, работат на високо ниво и се почитувани во земјите каде што работат. Ние не сакаме овој човечки капацитет да остане неискористен“, пишува министерот во пишана изјава.

Тој уверува дека телемедицината ќе овозможи овие професионалци да придонесуваат директно или од далечина во здравствениот систем на Северна Македонија. Веќе имал директна комуникација со претставници на академските институции и многумина од нив изразиле подготвеност да придонесат, дури и без финансиски надомест.

„Проектот веќе влезе во почетната фаза на имплементација. Телемедицината е пилотирана во два града, во Дебар и во Делчево, каде што здравствените услуги се обезбедуваат од далечина од Скопје“, истакнуваат од Министерството за здравство.

Според Алиу, првата фаза е пилот, додека втората фаза ќе се фокусира на стандардизација на процедурите за телемедицина, со цел системот да се прошири и да ги вклучи и лекарите кои работат надвор од земјата.

Тој додава дека третата фаза ќе вклучува развој на дигитални системи за напредни анализи, особено во областа на радиологијата.

Преку овие системи, како што се додава во соопштението, лекарите специјалисти од дијаспората ќе можат да даваат професионални мислења за случаите што се третираат во здравствените институции во земјата.

Според министерот, телемедицината ќе го подобри пристапот до здравствени услуги, но и ќе создаде одржлива соработка со професионалците од дијаспората.