Македонија заостанува во борбата против рак на грло на матка, a Програмата за скрининг на оваа болест не овозможува доволен опфат на жени за да се постигне нејзино навремено откривање и превенција. Ова е клучниот наод во најновата анализа на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Документот нотира дека земјата е далеку од исполнување на целта за опфат на 70% од жените со скрининг до 2030 година со цел целосно да се искорени смртноста од оваа болест, поставена од Светската здравствена организација.
Иако во програмата е наведено дека целта е за три години со скрининг да се опфати 75 отсто од женската популација на возраст од 21 до 59 години, државата ниту издвојува доволно средства за оваа намена, ниту спроведува активности за едукација и информирање на жените, нотирало Здружението.
Д-р Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ посочува дека во изминатите три години, скрининг на грло на матка бил извршен на околу 149.000 жени.
Ова претставува опфат од 32%, односно значително помалку од предвидените 75%.
„Што е уште позагрижувачки, наместо да расте, бројот на жени опфатени со скринингот, од година в година се намалува. Само за споредба, во Словенија, со програмата за скрининг на рак на грло на матка, за три години беа опфатени 71 процент од жените“, изјави Павловски.
Од Здружението алармираат дека ниското ниво на скрининг придонесува Македонија да е меѓу водечките земји во Европа и во регионот по бројот на новооткриени случаи на рак на грло на матка.
Според последните достапни податоци, во 2023 година се откриени 327 нови случаи, додека во 2022 година биле регистрирани 289 случаи. Оваа стапка е највисока во Европа односно речиси пет пати повисока од Грција и Италија, три пати повисока од Словенија и двојно поголема од Србија.
Во однос на смртноста, во периодот од 2017 до 2023 година, од рак на грло на матка починале вкупно 540 жени. Тоа значи дека од овој вид карцином, во Македонија годишно во просек умираат околу 70 жени, иако со навремен и соодветен скрининг, најголем дел од смртните случаи може да се спречат.
„Клучни причини за ваквата алармантна состојба се недоволните средства кои ги одвојува државата за скрининг, како инедостигот од матични гинеколози, имајќи предвид дека во речиси 40 општини воопшто нема матичен гинеколог. Дополнително, не се работи на едукација и информирање на жените за неопходноста на овој тип прегледи во превенцијата на ракот на грлото на матката“, објаснува Павловски.
Од Здружението, како проблем ја посочуваат и транспарентноста на Министерството за здравство во однос на оваа проблематика.
Имено, со оглед на тоа што се промени начинот на кој се планира скринингот, не се достапни податоци колку точно средства се издвојуваат за оваа намена и колку жени е планирано да бидат опфатенина годишно ниво, се вели во Анализата.
Здружението потенцира дека неопходно е да се промени и методологијата со која се прави скринингот на грло на матка. Во Македонија во моментов оваа процедура се изведува со ПАП брис, кај кој постои 20 отсто можност за грешка во резултатите, додека светските препораки се воведување ХПВ тест, кој е речиси 99 отсто точен.
Ракот на грло на матка е четврти најчесто дијагностициран рак кај жените, но доколку се открие навреме, големи се шансите целосно да се излечи. Токму затоа, ова е првиот тип рак за кој Светската здравствена организација усвои Глобална стратегија за целосно елиминирање на смртноста, додаваат од ЕСЕ.
Ревизија: Значително доцнење во анализирање на дел од примероците за ПАП тестови
За нискиот опфат во рамките на овој скрининг, неодамна информираше и Државниот завод за ревизија. Оваа институција соопшти дека опфатот се движи од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг, a дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење.
Скринингот на рак на грло на матка се спроведува по пат на ПАП тестови кај жени на возраст од 21 до 59 години во тригодишен циклус. Во периодот 2022-2024 година од страна на матичните гинеколози се земени вкупно 130.093 примероци за ПАП тест, соопштија ревизорите кои извршија ревизија на успешност на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“
Скрининг програмите се реализираат континуирано, но опфатот на целната популација е ограничен и не обезбедува значајни популациски ефекти. Анализата покажува дека опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг.
Овие податоци упатуваат дека со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста, предупреди Заводот за ревизија.


