По Либерланд, Гапла е втората самопрогласена држава на Дунав, меѓу Србија и Хрватска, пишува минхенски Зидојче Цајтунг.
„Ја основав својата земја како тинејџер и дури бев поканет да зборувам во ОН – на 17 години.“
Со таа изјава на Вајат Бек започнува репортажата во Зидојче Цајтунг за „државата“ Гапла, која се простира само на 205 хектари меѓу Србија и Хрватска.
„Државата“, вели Бек, е на земјиште кое очигледно никој не го бара.
Тој никогаш не бил таму, но веќе има пасоши, регистарски таблички, знаме и веб-страница.
„И секако името: Федерални држави Гапла. Вистинската држава не е далеку“, иронично пишува „Зидојче“ под насловот „Нови лудории“.
Гапла треба да го зајакне „мирот и хармонијата“ меѓу народите и да биде „помодерна и поиновативна нација“.
„Микродржавите отсекогаш биле еден вид револуција, филозофија, еден вид планирање на играта во реалниот живот. Како може да изгледа држава која нема стари баласти? Што ја прави една држава добра? Дали воопшто мора да биде добра? Дали мора да им користи на своите граѓани или може да си користи само себеси?“, пишува „Зидојче Цајтунг“.
Германскиот медиум потсетува на микродржавата Елгарланд-Варгаланд каде што шведските уметници дозволуваа сите да бидат кралеви. Или потфатот на Словенецот Петер Млакар, кој се прогласи за своја земја со уметнички колектив во 1992 година, а овој најде многу поддржувачи во – Нигерија.
Микродржавите, пишува минхенскиот весник, можат да се воспостават и како зони на слободна трговија, за сомнителниот бизнис на офшор банки или бродски компании и казина.
За самопрогласувањето на Гапла објавија и хрватскиот „Јутарњи лист“ и српски „Блиц“.


