По постигнувањето на договор меѓу САД и Иран и по најавата за потпишување на меморандумот за разбирање во петок во Швајцарија, финансиските пазари позитивно одреагираа, објави Ројтерс. Веста за повторното отворање на Ормускиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта, предизвика раст на берзанските индекси и значителен пад на цените на енергенсите.
На отворањето на американските берзи, индексот Dow Jones порасна за повеќе од 630 поени или 1,2 проценти, S&P 500 забележа раст од 1,6 проценти, додека технолошкиот Nasdaq скокна за 2,4 проценти. Оптимизмот дополнително беше поттикнат од објавата на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф дека меморандумот за разбирање на САД и Иран би можел да биде потпишан во Швајцарија веќе во петок.
Една од најзначајните последици од договорот е повторното отворање на Ормускиот теснец, низ кој минува значителен дел од светскиот извоз на нафта. По објавата, цената на американската сурова нафта падна за околу пет проценти и се спушти на околу 80 долари за барел. Според аналитичарите, поевтинувањето на нафтата може да придонесе за намалување на инфлаторните притисоци во светската економија. Брајан Малбери од „Закс инвестмент менаџмент“ оценува дека пониските цени на енергенсите ја намалуваат потребата од дополнително зголемување на каматните стапки.


