„Македонци на фармацевски туризам во Косово и Србија по поевтини лекови“ е сторијата на Сунчица Зоксимовска, која е добитник на наградата “Гласник на невидливите” на Македонската платформа за борба против сиромаштија. Новинарката на Колегиум.мк, Сунчица Стојановска Зоксимовска, ја доби наградата за своето истражување објавено во македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), кој пред неколку месеци беше затворен поради финансиски причини. Сторијата е сработена во соработка со колегите од косовскиот и балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, Трим Халити и Зоран Главониќ.
Зоксимовска, заедно со поголемиот дел од новинарската екипа денес ја сочинуваат редакцијата на порталот Колегиум.мк.
“Ја примам оваа награда со голема чест, во време кога во Македонија се затвори еден важен медиум – Радио Слободна Европа, кој што отвораше и обработуваше токму вакви теми. Затоа ова е награда за целиот тим кој што долго и посветено работеше на и отворање на прашањата за маргинализираните луѓе во нашата држава. Мисијата ја продолживме како Колегиум.мк, обидувајќи се да си докажеме дека доброто новинарство не е само зграда, само плата или само лого. Медиумите можат да се менуваат, но поривот зошто сме новинари мора да остане ист. За Колегиум.мк нема неважни луѓе, нема мали и големи проблеми, сите се важни. Се додека некој бара достоинство, бара вистина и правда, неговиот глас мора да биде слушнат и мора да продре во јавноста“, рече Стојановска Зоксимовска по доделувањето на наградата.
Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) годинава, по деветти пат, свечено им додели награди на осум новинари кои пишуваат за „невидливите“, односно за маргинализираните групи и заедници во македонското општество.
„Оваа година настанот има поинаков карактер. Годинава сме домаќини на гости од 8 земји кои го спроведуваат истиот проект и комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштијата – ЕАПН. Освен доделувањето на наградите ова е исклучителна шанса да се запознаете со работата на колегите новинари и на мрежите против сиромаштија од другите земји, но и да се вклучите во дискусија на темата ‘Медиумите и Сиромаштијата – Гласно против тишината’. Ви благодариме на интересот и посветеноста да им помогнете на невидливите. Секој ваш збор, фотографија и видео даваат надеж дека еден ден ова општество ќе биде подобро за сите“, соопштија од МППС при објавувањето на наградените новинари.

Оваа година наградени се Бојан Шашевски – за прилогот „Училниците уште не се ‘проветрени’ од дискриминацијата кон атипичните деца“, Ирина Крстевска – за фотосторија „ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?“, Лени Фрчкоска и Марта Стевковска – „Женското е туѓа фамилија“, Љубица Иванова – „Наставничката Маја е единствената вработена која се грижи за сите услови во училиштето во село Маврово“, Магдалена Стојмановиќ-Константинов – „Замаглените лица на сиромаштијата“, Михаил Милошевски – „Периките на хуманитарката Сашка Кузманова кои со пари не се купуваат“ и Слободан Иванов – „Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата ‘Глаголички откровенија’ на Томе Даневски во КИЦ – Скопје“.
Наградената сторија на Сунчица Стојановска Зоксимовска – „Македонци на фармацевтски туризам во Косово и во Србија за поевтини лекови“ можете да ја прочитате на ТУКА.
Наградите „Гласник на невидливите“ свечено беа доделени во „Коворк-21“, во поранешното кино Вардар во центарот на Скопје.


