Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поенти, по што новата камата е 4,25, место досегашните 4 проценти. Оваа камата е сигнал до банките за да и тие ги зголемат каматите.
Гувернерот Трајко Славески вели дека е подобро да има повисоки каматни стапки, отколку да биде зголемена инфлацијата.
„Од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што беше услов за поголема присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачка на девизи. И покрај најавите за поголема извесност на смирување на конфликтот на Блискиот Исток, економските последици од геополитичките случувања се присутни“, изјави Славески.
Според него, „иако ниските каматни стапки се популарни, тие ја подгреваат инфлацијата, а тоа ги засега најсиромашните“.
„Подобро повисоки каматни стапки, отколку зголемување на инфлацијата“, рече Славески.
Гувернерот потенцира дека Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок.
„За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност“, рече Славески.


