Пожар од трафостаница пред зграда во Кисела Вода: Станарите со бебиња во раце бегаа надвор

Објавено:

Експлозија и пожар утрово околу 5.30 часот ги разбуди станарите од новите згради на Првомајска во Кисела Вода, објави македонскиот портал мкд.мк. Според видеата и сведоштвата на станарите, мала трафостаница пред една од новите згради во тој дел на населбата прво почнала да искри и да пука, а потоа и се запалила. Силниот чад за неколку минути го исполнил влезот на зградата пред која е поставена трафостаницата, а станарите брзо со полиција биле евакуирани надвор.

„Ние спиевме сите. Беше околу 5.30 часот. Почнаа да тропаат по врати комшии. Дојде полиција да не вади од дома. Нешто пука страшно, како војна. Јас сум на втор кат и глеаме баш во тоа што пука. Тука сме многу згради, ние сме три влеза (зграда на ‘Трим и Лум’) и зградата на ‘Елена Лука’, се се тоа нови згради што се градат и плус старава. Беше страшно. Искри на секаде, и одеднаш почна и по дома да ни пука се, светла да се гасат, не верувам дека некогаш ќе не проработат шпорет и такви работи. Се симнавме сите. Полиција ни чукаше на врата, сите излеговме доле. Гореше пламен. Сите бевме надвор, кој во пижами, кој по гаќи, кој гол, кој со деца, бебиња, тука се млади брачни парови во новиве згради. Два саати бевме надвор, сеа се вративме дома, смрди, ќе се угушиме“, раскажува за Колегиум.мк станарка од една од зградите на локацијата каде се запалила инсталацијата.

Таа вели дека дошла и екипа од ЕВН, но дури после два часа, па дури и дека клучот од трафостаницата, наводно не го носеле со нив,. Таа претпоставува дека околу 600 станови може да имаат штета од пожарот.

„Седиме во темница доле има еден куп полиција, има и од ЕВН, ама што прават не знам. И тие не знаат што да прават. Со голо око се гледа дека се е изгорено од таа трафостаница. Значи 600-700 станови сме оштетени. Треба да провериме што се по дома од електрични апарати и инсталација ни е оштетено поради пукањето на инсталацијата надвор“, додава таа.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека се преземаат мерки за утврдување на причините за избувнувањето на пожарот, како и за целосно расчистување на случајот.

Станарката, за Колегиум.мк, кажува дека ова е трет пожар за една година, иако се работи за нови згради, нова инсталација.

Значи еднаш се запалија гаражите. Сите бевме во дим, ќе се угушевме и исто не еквауираа надвор. Вториот пат се запали додека беше во финиширање на градбата, исто не евакуираа надвор. И ова беше најстрашно третиот пат“, појасни таа.

Во моментов зградата е без електрична енергија, а станарите стравуваат дека отстранувањето на штетите и враќањето во нормала би можело да потрае со недели. Особено се загрижени што вакво нешто се случило во дворот каде постојано играат деца. Велат, среќа во несреќа што овој пожар се случил додека надвор немало никој.

Надлежните најавија расчистување на случајот.

ФОТО И ВИДЕО: MKD.MK