Систем на заслуги или етнички пазар – што ќе донесе новиот закон за правична застапеност?

Објавено:

Власта го гледа како клучен инструмент кој гарантира еднакви можности и права за помалите етнички заедници. Опозицијата како недоволно добра замена на укинатиот „балансер“ кој може да создаде нови проблеми при спроведувањето.

По девет месеци подготовки, Законот за соодветна и правична застапеност е подготвен за второ читање пред народните избраници. При првото читање, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите за предложеното решение.

Првите сметаат дека законот ја зајакнува еднаквоста меѓу заедниците и ја потврдува мултиетничката природа на државата и дека за првпат прашањето се регулира со закон, а не само со технички механизми како балансерот.

Пратениците од опозицијата, пак велат дека законот е политички компромис и не обезбедува вистинска заштита за сите заедници. Критикуваат дека критериумите се нејасни и може да се користат за политички вработувања.

Кои се клучните разлики меѓу балансерот и предложеното законско решение?

За разлика од „балансерот“ кој претставуваше техничка алатка која автоматски ја проверуваше етничката структура при секое ново вработување, предлог-законот за правична застапеност  е правен акт кој системски го уредува прашањето за правична застапеност.

Балансерот се засноваше исклучиво на пописни податоци и автоматски „балансираше“ застапеност, додека законот се заснова на пописни податоци, но исто така овозможува флексибилност според реалните потреби на институциите.

Балансерот беше административен механизам, а предлог-законот нуди јасна правна рамка, донесена со инструментот „мал бадентер“ (гласа мнозинство и од немнозинските заедници).

Балансерот беше укинат од Уставниот суд на 9 октомври 2024 година, затоа што се сметаше дека го нарушува начелото на стручност и компетентност и го ограничува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Судот оцени дека обврската кандидатите да ја наведат својата етничка припадност при аплицирање е спротивна на Уставот.

Укинувањето отвори простор за донесување нов закон кој ќе обезбеди правична застапеност со јасна правна рамка. Законот за соодветна и правична застапеност беше предложен како системско решение за да се замени балансерот и да се регулира ова прашање транспарентно и институционално.

Аналитичари: Механизми како гаранција од можни злоупотреби

Стручната фела смета дека Предлог- законот има потреба од институционална рамка за санкции и постоење на казнени одредби во законот со коишто ќе се гарантира дека соодветната и правичната застапеност ќе се применува во практика. Укажуваат на потребата од зајакнување на постојните механизми, наместо формирање на Координативно тело, како што предвидува Предлог-законот. 

Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека законот содржи одредени позитивни елементи, но во сегашната форма не нуди доволни гаранции за целосно остварување на уставната цел за правична и соодветна застапеност. Одржливо решение треба да воспостави силни, мерливи и применливи правни механизми кои истовремено ќе обезбедат професионалност, меритократија и правична застапеност на сите заедници, смета тој.

„Новиот закон има позитивна страна во тоа што се обидува да го адресира правниот вакуум создаден по укинувањето на Балансерот. Сепак, многу суштински прашања ги остава да се регулираат преку методологии и подзаконски акти, наместо директно да бидат гарантирани со закон. На тој начин неговата примена станува зависна од политичката волја на идните влади, а не од стабилни и обврзувачки правни механизми“.

Дополнителна загриженост според Селими претставува тоа што како главна гаранција се промовира „политичката одговорност“.

„Политичката одговорност е важна, но не може да ги замени правните инструменти. Ако уставната одредба за правична и соодветна застапеност беше прекршувана и во изминатиот период без никакви политички последици, тогаш сосема легитимно е да се постави прашањето како ќе се гарантира спроведувањето на овој закон во иднина?“, прашува Селими.

Но, она што за професорот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања е од суштинско значење е меритократијата, да биде пред етничката застапеност, што значи законот да ја става стручноста и компетентноста како примарен критериум при идни вработувања.

„Ако имате двајца кандидати кои ги исполнуваат сите услови, имаат исти квалификации, тогаш е во ред да се вработи припадник на одредена етничката заедница. Но ако имате двајца кандидати, од кои едниот е многу послаб од другиот, тогаш неговото вработување само затоа што е припадник на помала етничката заедница не е во ред и тогаш пак се враќаме на балансерот. Затоа прво мерит, а потоа и контролен механизам за тоа дали се спроведува законот во пракса така како што е напишан на хартија“, вели Божиновски.

Меѓународна потврда од Венецијанската комисија

Законот за правична застапеност доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, што значи дека е оценет како усогласен со европските стандарди и уставните принципи.

„Сметам дека е многу важно да се апстрахираме од политичките афинитети и перцепции со кои ги гледаме работите. Сметам дека треба да му се даде шанса на законот бидејќи со него се враќа тежиштето во однос на вработувањата во јавниот сектор во однос на принципот на заслуги, на мерит- системот“, порача на јавната дебата за овој закон, професорот Александар Спасеновски, кој е и дел од работната група која го подготви ова законско решение.

Основната цел на Предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Намерата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.

Воедно, како што се наведува во предложениот законски текст, се настојува да се постигне соодветен баланс помеѓу потребата од застапеност на припадниците на сите заедници во земјата, од една страна, и неопходноста од обезбедување на професионална, ефикасна и политички неутрална администрација, од друга.