Сите видови боледувања лани биле зголемени во споредба со 2024 година, констатира Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) во годишниот извештај за 2025 година, по неколку месеци откако Сашо Клековски, директор на Фондот, објави дека има злоупотреби и најави ревизија на критериумите за боледување.
Притоа, за 4,8 отсто „скокнале“ боледувањата поради болест, за 3,8 отсто биле побројни отсуствата од работа поради нега на член на семејството, а професионалните заболувања и повредите на работа биле зголемени за 2,2 отсто минатата година во споредба со годината претходно.

Или, на ниво на држава во 2025 година на секои илјада вработени осигуреници, 41 осигуреник користеле право на боледување на товар на Фондот. Вработените осигуреници најмногу користеле боледување поради болест и тоа се 74 отсто од вкупните боледувања. Следно е нега на член на семејство (24 отсто).
Притоа, Зголемен е износот што Фондот го исплатил за оваа намена. Расходите за боледувања во 2025 година се повисоки за 22,9 отсто или за околу 318,7 милиони денари.

Го менуваат матичниот лекар ако не напише лажна дијагноза
„Изморени сме од правење постојани контроли на барање на фирми или установи за контроли на боледувањата“, рече Клековски на прес-конференција, објаснувајќи ги „шемите“ за злоупотреби на отсуства од работа поради боледувања.
Најчестите злоупотреби се т.н. „цик-цак“ боледувања, односно случаи кога вработени земаат кратки боледувања, се враќаат на работа еден ден за да избегнат контрола, а потоа повторно отвораат ново боледување по друга основа.
При контролите, Фондот открил и случаи во кои осигурениците го менуваат матичниот лекар ако одбие да им издаде ново боледување. Клековски како пример посочи случај на осигуреник кој сменил четири матични лекари за година ипол.
Или, вработен земал боледување, а во исто време на социјалните мрежи објавува фотографии и видеа од шетање во странство.
Кај матичните лекари има јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања. Но, покрај покрај акутните респираторни заболувања, скоро половина од боледувањата во Фондот се за болести на ‘рбетниот столб, спондилоза или лумбаго.
Во МВР од 514 боледувања, сто биле неуредни
Особено загрижувачка е состојбата во т.н. „униформни“ сектори, како што се полицијата, одбраната и здравството.Во втората половина од 2025 година, вкупно 80 здравствено осигурани лица од Министерството за внатрешни работи (МВР) искористиле 514 боледувања, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување. Најголемиот дел од боледувањата траеле до седум дена, 171 биле до 15 дена, додека 83 траеле повеќе од 30 дена.
При контролите биле утврдени неправилности кај 29 лица, односно кај околу 37 отсто анализирани случаи. Овие лица искористиле вкупно 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени, додека останатите 136 биле оправдани. Тоа значи дека петина од вкупниот број боледувања биле спорни.
Контроли имало и во 105 приватни здравствени организации, од кои најголем дел се ординации по општа медицина. Неправилности биле утврдени кај 29 установи, како и кај неколку специјалисти и комисии во јавниот сектор. За констатираните пропусти биле изречени глоби во вкупен износ од 1,2 милиони денари.
Според информациите, висок процент на боледувања има и во јавните здравствени установи, каде во одредени клиники до 20 проценти од персоналот е отсутен поради боледување.
За да се спречат злоупотребите, ФЗОРСМ ќе прави измени на правилникот за боледувања, при што би биле вклучени и матичните лекари кои се одговорни за управување со боледувањата, со синдикатите и работодавачите и со здруженијата на пациенти.
Правилата за боледување не се сменети најмалку десет години.
Клучен проблем е што не постои интегриран систем за следење на боледувањата, што го отежнува навремено откривање на евентуални злоупотреби. Во моментов, Фондот може да врши контроли само по барање на работодавачите, како што било случај со МВР, Царината и со Армијата, каде што исто така биле спроведени проверки во помал обем.
Дополнителна мотивација за земање боледување се и колективните договори во овие сектори во кои е предвидено 90 до 100 отсто исплата на плата во време на боледување, што значи дека на вработените им е сеедено дали се на работа или не, платата ќе ја земат. Друг момент се и ниските плати во некои институции во јавниот сектор, поради што луѓето земаат боледувања за да може да работат и втора работа.
Надоместокот за првите 30 дена боледување го исплаќа работодавачот, а над 30 дена е на товар на ФЗОРСМ. Исклучоци кога надоместокот од првиот ден го исплаќа Фондот е при нега на болно дете до
три години, при дарување крв, ткиво или орган и при бременост, раѓање или мајчинство.


