Каја Калас, високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, потврди дека честите изборни циклуси во Косово се главната причина зошто нема нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на лидерско ниво.
Таа им потврди на новинарите дека постои подготвеност со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, за средба како дел од дијалогот, но најавата за нови вонредни избори во Косово повторно го одложи процесот.
„Всушност планиравме дијалог меѓу Белград и Приштина, политички дијалог на високо ниво. Имавме согласност од двајцата лидери – од Косово и од Србија, но сега повторно се приближуваат изборите во Косово, што секако го одложува процесот. Но, јас работам одделно со двајцата за да можеме да продолжиме со спроведувањето на договорите што веќе се во сила“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.
Лидерите на Србија и Косово последен пат се сретнаа во рамките на дијалогот во септември 2023 година. Каја Калас ја презеде функцијата висок претставник на ЕУ во декември 2024 година и досега немаше можност да биде домаќин на дијалог на највисоко политичко ниво.
Денеска, 11 мај таа е домаќин на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) и нивните колеги од Западен Балкан.
Дискусијата меѓу 27 шефови на европска дипломатија и шест министри за надворешни работи на земјите од регионот ќе послужи како повод за продолжување на дискусијата за ситуацијата во регионот, која ќе се одржи истиот ден, но само на ниво на европски министри.
Се очекува министрите за надворешни работи на ЕУ и Западен Балкан, меѓу другото, да разговараат за подготовките за самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Тиват, Црна Гора, во јуни.
Европските дипломати вклучени во подготовките за состанокот најавија дека фокусот на дискусијата меѓу европските министри и нивните колеги од регионот ќе биде зајакнување на соработката меѓу ЕУ и земјите од регионот, зголемување на отпорноста на земјите од Западен Балкан на негативни надворешни влијанија, усогласување со надворешната политика на ЕУ, вклучително и санкциите, како и односите меѓу самите земји од регионот.


