Срби од Косово поднесоа кривична за Вучиќ, бараат преиспитување и на Охридскиот договор

Објавено:

Претставници на три српски организации од Косово поднесоа кривични пријави против поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и неколку други поранешни државни функционери до Вишото јавно обвинителство во Белград поради политиката кон Косово.

Тие тврдат дека Вучиќ, поранешните премиери Ивица Дачиќ и Ана Брнабиќ, како и поранешниот директор на Канцеларијата за Косово во српската влада Петар Петковиќ „ги пречекориле своите овластувања“ и придонеле за „воспоставување на Косово како суверена и независна држава“, јавува Радио Слободна Европа.

Кривичните ги поднесоа претседателот на Српскиот национален форум – Момчило Трајковиќ, лидерите на движењето „Отаџбина“ – Марко Јакшиќ и Славиша Ристиќ, како и лидерите на Српскиот национален совет на Косово – Љубиша Дабиќ и Момир Стојановиќ.

Тие ги обвинуваат поранешниот функционери во Белград за затворање на институциите што работеа на Косово во паралелен систем со Србија (српските институции) и побараа од Обвинителството да ја преиспита интеграцијата на полицијата и судството во косовскиот систем.

Лидерите на српските организации бараат и преиспитување на Бриселскиот договор меѓу Србија и Косово.

За овој договор од 2013 и за дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите со посредство на ЕУ, подносителите на пријавата сметаат дека била предизвикана штета на српските државни и национални интереси“.

Тие побараа и преиспитување на Вашингтонскиот и Охридскиот договор, Француско-германскиот план, како и сите обврски што ги презела Србија.

Тие поднесоа и кривична пријава против Горан Ракиќ, поранешниот лидер на Српската листа, која важеше за блиска до власта на Вучиќ, барајќи истрага за улогата на оваа партија во Косово „во евентуалниот притисок врз српското население да учествува на косовските избори“.

Тие побараа и преиспитување на трошењето на парите што Србија ги инвестираше во Косово, наведувајќи дека постојат многу индикации дека биле злоупотребени.

Инаку, Охридскиот договор помеѓу Србија и Косово или Договор за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, беше предложен од страна на ЕУ и неговата цел е нормализација на дипломатските односи меѓу двете држави. Тој беше постигнат во февруари 2023 година, а разговорите се одржаа во Охрид и на средбата присуствуваа тогашниот српските претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, додека како посредници беа високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, и претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.