Доктори на скопските клиники и сопственици на дерматолошки ординации се меѓу уапсените во акцијата што денеска ја спроведе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, за повеќе кривични дела.
Во рамки на акцијата се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, при што лишени од слобода се повеќе лица, пренесе МИА.
Лани во февруари, естетески и пластични хирурзи кажаа дека на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од „Али експрес“ или се боцкале по маалски козметички салони.
Притоа, три здруженија на естетските и пластичните хирурзи побараа да се смени Законот за јавно здравје, па медицински процедури кои се вршат во длабоките слоеви на кожата, со медицински средства кои бараат стручна лекарска подготвеност да смее да ги прави само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не и козметичари во салони за убавина.
Тие кажаа дека хијалуронски филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и затоа секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.
„Бидејќи став 1 од член 33 од Законот за јавно здравје несреќно содржи термини како активности со кои се продира во кожата (тетовирање, пирсинг, трајна шминка и акупунктура, употреба и користење на ботокс, нехируршка липосукција и користење на ласер), а кои активности поврзани со употреба на медицинските средства спаѓаат исклучиво во областа на медицината, ние како доктори специјалисти секојдневно се сретнуваме со безброј компликаци предизвикани кај пациентите од страна на козметичарите преку нестручно вршење на тие активности со кои се продира во кожата, извршени при нестерилни услови, со нестерилни инструменти и крајно, со непознат извор на набавка на сите тие медицински средства со непознато потекло“, напишаа тогаш од Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (МАПРЕКС) и Здружението на дерматовенеролози на Македонија.


