Убиен е хрватски полициски началник од секторот крим техника, Роберт Грилец. Тој загина во вооружен напад кој се случи на 10 мај во кафуле во хрватскиот град Крапина. 52 годишниот началник Грилец, кој во моментот на убиството не бил на службена должност, бил застрелан од човек од неговото соседство, кој потоа се обидел да се самоубие, јавуваат хрватските медиуми.
Напаѓачот со хеликоптер итно е пренесен во Клиничката болница Дубрава во Загреб, а степенот на неговите повреди засега е непознат. Дел од медиумите јавуваат дека станува збор за прострелна рана во главата, и дека лекарите се борат за неговиот живот. Мотивите за овој крвав чин се уште се истражуваат, а полицијата врши претреси на имотот на напаѓачот за да утврди дали постоел претходен судир меѓу него и убиениот функционер.
Сведоци на инцидентот, меѓу кои и вработени во кафулето, велат дека напаѓачот влегол во локалот без збор, испукал три куршуми кон полицаецот пред околу петнаесет муштерии. По нападот излегол надвор и се застрелал себе си. Според оцевидци на настанот, на нападот не му претходела никаква расправа.
Хрватски „Индекс“ пишува дека во 2018 година, убиениот началник Грилец, бил награден од тогашната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ за чесна и примерна служба.


