Седум мажи меѓу кои и малолетник приведени за семејно насилство во последните 24 часа

Објавено:

Вкупно седум мажи се приведени од полиција по пријави за семејно насилство во изминативе 24 часа. Тие се приведени поради сомнение за физички напади врз членови на семејството, закани и други облици на насилно однесување. Две од вкупно девет пријави за семејно насилство завршиле со службен разговор.

Според полициските билтени, од случаите вклучуваат сериозни инциденти каде биле користени и закани со оружје, како и повторувано семејно малтретирање во подолг временски период. Во одредени ситуации, жртвите претходно не ги пријавувале сторителите, што дополнително ја комплицирало интервенцијата на институциите.

Двајца од напаѓачите се кумановци, од кои едниот 49 годишниот маж, физички ја нападнал својата мајка, додека 34 годишниот маж ја нападнал неговата сопруга. Од домот е отстранет 40 годишен скопјанец кој во скопската населба Карпош во семејниот дом и се заканувал на својата 68-годишна мајка и покрај Решението од Основен граѓански суд Скопје за отстранување од домот и забрана за приближување.

Меѓу приведените има и скопски аеродромец кој физички ја нападнал и со пиштол и се заканувал на својата партнерка.

„Според пријавеното, тој и во изминатиот период бил насилен кон неа, но досега не го пријавувала“, се вели во полицискиот билтен.

Физички и психички ја малтретирал својата сопруга жител на Бит Пазар, кој сега е приведен.

Меѓуприведените за семејно насилство има и малолетник, 16 годишно момче од скопската општина Центар, кој физички го нападнал својот 50 годишен татко.

Во еден штипски инцидент, татко повредил малолетен син, а во друг

„На 09.05.2026 во 13:40 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со С.Д.(33) од скопско село, постапувајќи по претходна пријава дека на 08.05.2026 околу 18:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата сопруга и ѝ упатувал закани со остар предмет. Според пријавеното, таа во изминатите пет години била психички и физички малтретирана од нејзиниот сопруг, но досега не пријавувала“, се вели во полицискиот билтен.

Полицијата нагласува дека по секоја пријава се преземаат итни мерки за заштита на жртвите и спречување на понатамошна ескалација. По лишувањето од слобода, лицата се задржани во полициски станици, а по целосно расчистување на случаите ќе следуваат соодветни кривични пријави.

Во последните два месеци низ полициските станици низ државата имало дури 309 пријави за семејно насилство, а најмалку 179 лица биле лишени од слобода. Оваа статистика ја изведе колегиум.мк со проверка на сите полициски соопштение кои беа објавени по настанот во скопско Тафталиџе кога на 2 март мајката Ивана заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја – жртви на семејно насилство, скокна од балкон. Двете ги загубија животите.

Сопругот на Ивана и татко на Катја, Стојанче Јовановски, доби 12 години затвор, со неправосилната пресуда што денеска – 7 мај, ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. Против него беше покренато обвинение за неколку кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Ажурноста не смее да спласне

Дел од активистите во невладиниот сектор го делат впечатокот дека има поместување кога е во прашање ажурноста на полицијата, но велат, тоа треба и да остане така и да не задржи само туку и за сите надлежни за борба против семејното и насилството врз жените.

„Апсолутно промени има, се почитува принципот на тоа итно постапување, се излегува на терен, се поднесуваат барања за итни мерки. Ситуацијата се сфаќа посериозно. Но, прашање е до кога ќе биде вака бидејќи и во минатото имало ажурно постапување после секој инцидент, но потоа тоа како да спласнува“, вели за Колегиум.мк извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска.

Како што вели таа, да се надеваме дека причината за ажурноста на институциите не е и тоа што сè уште има активни постапки во кои треба да се утврди дали имало одговорност кај полицијата, Центарот за социјална работа и други односно дека будноста на институциите не се должи само на „стравот“ да не бидат казнети.

Внатрешната контрола, како што е познато, во случајот од Тафталиџе утврди дека вкупно 39 полицајци погрешиле во постапувањето за семејното насилство во случајот со Ивана, која како жртва и самата пријавувала. Наодите од контролата беа доставени до Обвинителството за понатамошна постапка.

Кога е во прашање борбата против семејното насилство, полицијата не е единствена надлежна, посочуваат од невладиниот сектор.