Потребно ни е обединување во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста пред Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под слоганот „Победа, принципи и вредност“.
„Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. Големите чекори секогаш ги правеле поединците кои ја гледале големата слика. Жал ми е што таа рака за обединување многупати беше одбиена. Но, има и такви политичари кои за да стигнат до обединување, треба да знаат дека мора да чекорат напред, а не да стојат во место или да одат назад. Да не се одбива разговор, затворени во своите кругови и целосно отсечени од реалноста“, рече Мицкоски.
Мицкоски повика на обединување и единство на принципи и на вредности.
„Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство“, рече Мицкоски.


