Израел сака да стане независен од американската воена помош

Објавено:

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се надева дека ќе го одвикне Израел од американската воена помош во рок од една деценија, бидејќи неговата земја се стреми да ги зајакне врските со земјите од Заливот. Нетанјаху ова го изјави во интервју за американската телевизиска мрежа Си-би-ес, кое беше емитувано во недела, 10 мај.

„Сакам да ја намалам на нула американската финансиска поддршка, финансиската компонента на воената соработка што ја имаме“, рече Нетанјаху во емисијата „60 минути“ за американската телевизија.

Израел добива секоја година околу 3,8 милијарди долари американска воена помош, рече тој.

САД се согласија да обезбедат вкупно 38 милијарди долари воена помош за Израел од 2018 до 2028 година.

Но, сега е апсолутно вистинското време за евентуално ресетирање на финансиските односи меѓу САД и Израел, порача Нетанјаху.

„Не сакам да чекам до следниот Конгрес. Сакам да почнам сега“, изјави Нетанјаху, а пренесе Ројтерс.

Иако Израел долго време имаше двопартиски консензус во рамките на американскиот Конгрес за воената помош, поддршката од пратениците и јавноста е поделена од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.