Образовниот потенцијал на демографската криза

Објавено:

Деновиве Колегиум објави статија која детално објаснува зошто годинава ќе има околу 5.000 повеќе слободни места во средните училишта ширум Македонија од бројот на потенцијални кандидати за упис, т.е. деветтодделенци коишто завршиле основно образование.

Конкурсот за упис предвидува 25.000 слободни места, а веќе со години бројот на запишани ученици во прва година средно образование не надминува ни 20.000. Ваквата реалност сите ја сведочиме.

Пред некоја година стана популарно матурантско табло кое ги содржеше фотографиите на 11 ученици и 22 наставници. Медиумите јавуваа дека во основните училишта се случува да „снема“ 3-4 ученици на почетокот на второто полугодие: значи, цели семејства се иселуваат топтан. Не ја ни чекаат новата учебна година.

Ваквиот феномен не е од вчера и трае веќе со години. Негативните импликации на иселувањето врз општеството се повеќе од јасни. Меѓутоа, оваа колумна нема да даде сеопфатна анализа на иселувањето, туку таа цели да покаже како иселувањето може да отвори можност за радикално преобмислување на образовниот систем.

Моменталната ситуација знае да биде и чудна. Имено, иако бројот на ученици континуирано се намалува, во јавноста не постои широкоприсутен апетит за намалување на средствата вложувани во образованието. Напротив, јавноста будно следи и се интересира за случувањата во школството.

Резултатите на ПИСА, рангирањата на високообразовните установи, научните истражувања, изучувањето на македонскиот јазик, програмите за дуално образование во стручните училишта се во долгогодишен фокус на граѓанството.

Понатаму, кај политичките партии нема интерес за намалување на работните места во образованието, што од автентична грижа за образованието, што од сопствениот партиски интерес да обезбедат гласови. Навистина, барем засега, демографската криза ја нема наметното финансиската тегоба да е нужно да се затвораат училишта или да се укинат работни места. И тоа е добро.

Токму затоа ваквата поставеност на работите треба да отвори можност радикално да се преобмисли образованието во Македонија и како образовниот систем функционира. Работите не можат да продолжат по ист терк, ако во училница во која некогаш седеле 40 ученици сега седат едвај дваесетмина.

Првата можност, очигледно, е тоа што ќе може да се посвети многу повеќе внимание на учениците на индивидуален план. Работата во помали одделенија и паралелки повлекува повеќе време за контакт меѓу наставникот и учениците.

Би требало предвид да се земат личните интереси и потреби на секој поединечен ученик. Во тој поглед, додатната и дополнителната настава треба да се претворат во суштински механизми за учење и стекнување на знаења, а не во празни слова на хартија и технички формалности.

Индивидуалната работа со учениците би значело објаснување на конкретните грешки и пречки со кои тие се соочуваат доколку станува збор за дополнителна настава. Во спротивниот случај, веќе талентираните ученици би добиле можност за продлабочување на своите знаења и интереси преку додатни лектири, проекти и активности.

Уметничкото образование било тоа ликовно или музичко би можело повторно да се крои по мерка на ученикот. Тука потенцијалот е огромен—од учење да се свири на специфичен инструемнт преку изострување на саканата ликовна техника.

Училишните секции би можеле да заживеат и да се прилагодат на потребите и интересите на учениците, а не да бидат декор за однапред режирана програма.

За наставниците вака преобмислен образовен систем би значело и можност своите лични интереси и уникатности да ги вградат во нивната формална работа и кариера. На пример, пренесување на лична пасија како фотографијата, филмот или градинарството во животите на своите ученици.

Меѓутоа, не само што ваквиот процес ќе изискува темелна промена во тоа како го поимаме самото училиште како институција и образовниот процес воопшто, туку тој нужно ќе претпостави и ослободување на просветните работници и установи од бирократските стеги кои детално го определуваат малтене секој аспект од образовното постоење.

Регулативата мора да стане пофлексибилна за образовниот процес да се подигне на нивото кое го заслужува, т.е. да им се препушти на оние кои всушност учествуваат во него—на учениците и учителите.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.