Иако насловот дава свадбарски контекст на ова писание, сепак не, нема да пишувам за традициналниот обичај на врачување поклони при стапување на двајца млади во брачна заедница.
Текстот се однесува на младите како возрасна група во нашето општество и „можностите“ кои им ги нуди државава која упорно се труди да ги задржи во своите граници, како би просперирала од нивните таленти и знаења.
Минатата недела два настани од областа на културата го привлекоа моето внимание, а разочарувањето од односот на надлежните кон младите креативци беше загарантирано, што би се рекло со кладилничарски речник, коефициент 1.10 (еден – десет).
Во Градскиот парк, на сцената „Лепеза“ се одржа фестивалот „Сепак се врти“, во организација на колективот Гола Планина. Музички фестивал кој започна во 2024 година во Скопје, произлезен од креативноста на млади луѓе, со чијашто музика треба да се гордееме. Годинава момците и девојките од колективот се обидоа и ја проширија својата приказна на повеќе локации во државава, со финален настан во Скопје.
Но, секоја фина приказна мора да има опструкција, нормално. Како инаку младиот човек ќе ја почувствува реалноста, ако државата не го подј…ва? Во случајов сексуалниот акт доаѓа од моќните административци од Општина Центар. Општина која по сите параметри треба да биде носител на прогресот и поддржувач на ваков тип креативни иницијативи.
Сцената Лепеза не била првопланирана локација за одвивање на фестивалот.
Првична локација предвидена за настанот бил Паркот на франкофонија, па логично, дечките како организатори се обратиле до општината, како би добиле дозвола за користење на просторот. Простор кој е јавен и треба да послужи за реализација на ваков тип содржини.
Гола Планина од општината добиваат неколку несмасни одговори, со цел да се откажат од реализација. Од одговорите предничат „Паркот не го даваме поради редовно одржување и уредување на просторот“ и „Паркот не го даваме бидејќи е резервиран само за настани на О.Центар“.
Е сега стигаме до суштината на ова одбивање! Вистината се крие во вториов одговор. Општина Центар го „чува“ паркот за својот настан т.н. Звукот на иднината, кој искрено ниту има звук, ниту иднина. Во описот стои „популаризација на рок музиката во урбана средина и поддршка на младите и неафирмирани музичари“ (кажете им добар ден на 80-тите години од минатиот век), а суштината на овој проект била изведба на кавер-композиции од легендарни бендови и артисти. Или по нашки кажано – рециклирање!
Значи да упростиме, им го одземаш правото на промоција на младите креативни луѓе кои создаваат авторска музика, за да промовираш веројатно, исто така, млади луѓе кои рециклираат музика. Браво! Свака част! На кој ли му текна…?
Тука доаѓаме до вториот настан или вториот проблем при третирањето на младите во Македонија. Овој пат се работи за воспитно-образовна институција од највискок степен, Факултетот за ликовни уметности.
Ја посетив годишната изложба на Факултетот за ликовни уметности, 46-та по ред, респектабилна бројка. Се одвиваше на две локации, комплексот на педагошкиот факултет и Сули ан, локации на кои се одвива и наставата на оваа високо-образовна институција.
Студентите и нивните професори се потрудиле и реализирале одличен концепт за настан, во кој имаше и изложбен и музички дел, а можеме со задоволство да констатираме дека Македонија има квалитетни „деца“ кои во иднина ќе ја предводат уметничката сцена.
Е сега, пристигнува делот во кој државата треба да обезбеди соодветна инфраструктура за да го поддржи овој талент и да им овозможи на студентите пристојни услови за учење и надградба на своите вештини.
По некое испиено пиво, го посетив тоалетот на комплексот на педагошкиот и факултет, а таму следуваше изненадување, или можеби судир со реалноста.
Драги гледачи, во 21 век, во факултетски тоалет ние имаме ЧУЧАВЕЦ!
Боженце, боженце… дали сме здрави!? Во време кога на факултетите во нормални држави, на студентите им се нудат фантастични услови за подобрување на нивната психо-физичка состојба, теретани, спортски терени, забавни активности, модерни библиотеки… ние на нашите им нудиме да чучнат при извршување физиолошка потреба, како би поработеле на својот квадрицепс.
Тешка мизерија!
Добра стратегија за задржување на младите во државава.
Продолжете така. Бркајте ги од јавниот простор и начукајте ги у кенеф да чучат. Тоа е начинот кој секој млад креативец го посакува за раст и развој во својата земја.
И после Виз аир во еден правец… епа Виз Аир мМакедонче…


