Светската фудбалска федерација ФИФА ги откажува своите спорни инвестициски планови именувани како „FIFA Forward Enterprise“ со кои се предвидуваше можност за влез на приватни инвеститори во главните натпреварувања. Предлогот повеќе нема да се разгледува, изјави претседателот на организацијата, Џани Инфантино. Соопштението беше објавено доцна во ноќта по силниот притисок од јавноста по најавата за проектот.
Инфантино наведува дека проектот требало да се спроведе само доколку добие поддршка од мнозинството членки на ФИФА. По разговорите со засегнатите страни, како што вели тој, станало јасно дека таква поддршка нема.
„Откако внимателно ги слушавме сите ставови, стана јасно дека проектот доведе до поделби кои, без оглед на нивото на поддршка што ја има, повеќе не се во интерес на целта кон која првично се тежеше“, го објасни Инфантино својот ненадеен пресврт. Нашата цел отсекогаш била и секогаш ќе биде, да обединуваме и да придонесуваме кон подобрување. Оттука, овој предлог нема да продолжи“,вели Инфатино во пишаната изјава објавена на веб страницата на ФИФА.
Планот предвидувал создавање ново комерцијално тело што би управувало со главните натпреварувања на ФИФА и би овозможило учество на приватни инвеститори.
Инфантино најави дека ќе се обиде да ги приближи различните страни во фудбалот.
„Во духот на заедничкиот интерес за нашиот спорт, со цел да продолжиме да го развиваме фудбалот насекаде, особено во земјите на кои најмногу им е потребна нашата поддршка“, додаде тој.
Според извештаите во медиумите, светската федерација им дала рок на своите членови до 19 септември да го одобрат планираниот договор со инвеститорите, со ветување за посебна финансиска исплата.
Планот предизвика сериозни потреси во фудбалскиот свет, поради што УЕФА се закани дека ќе ги бојкотира идните турнири на ФИФА доколку тој не биде повлечен. И другите конфедерации се спротивставија на планот, додека еден од високите советници на Инфантино, Карлос Кордеиро, во петокот поднесе оставка во знак на протест против иницијативата.
Главниот оперативен директор на ФИФА, Кевин Ламур, исто така упати остри критики кон Инфантино, обвинувајќи го за „сериозен недостиг на почит“ поради обидот планот да го протурка со минимални консултации.
Претходно цврсто утврдената позиција на Инфантино како претседател на ФИФА сега е под сериозен притисок, а останува да се види дали неговото повлекување ќе биде доволно за да ја спаси функцијата, пишува британски Гардијан.
Но планот беше категорично отфрлен од фудбалските асоцијации на европските земји, кои на вонредниот состанок во четвртокот се договорија за бојкот. фудбалските организации од Европа (УЕФА), Азија (АФЦ), како и Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ), јасно го изразија своето противење, при што последната во петокот наутро објави особено остро соопштение.
Во соопштението објавено во саботата, беше наведено дека фудбалот не треба да стои во место, но нагласи дека одредени принципи на играта не смеат да бидат нарушени.
„Дискусиите во изминатите денови го потврдија важниот принцип на добро управување: предлозите од глобално значење треба да се подготвуваат преку темелни консултации, соодветни процедури на управување и суштинска вклученост на членките, пред да им бидат презентирани на разгледување“, се вели во соопштението на азиската фудбалска организација.
Иако Инфантино и натаму има силна поддршка во Африка, тој остана без простор за маневар, бидејќи не успеа да обезбеди доволно гласови за планот да биде усвоен во каква било кредибилна форма.
Одредени фондови и компании веќе се споменати како можни инвеститори за ФФE, вклучувајќи ја и Триве Капитал, инвестициската фирма на Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, за тоа рече: „Блискиот однос меѓу претседателот на ФИФА и претседателот на Соединетите Американски Држави доби финансиска димензија која нанесува голема штета на фудбалот. Никој нема право да го продава нашиот спорт“.
Блискиот однос меѓу Инфантино и Трамп повеќепати предизвика негодување и критики во последните месеци, како и за време на неодамна завршеното Светско првенство одржано во САД, Канада и во Мексико.



