Светското првенство во фудбал 2026 година, чии домаќини беа САД, Канада и Мексико, е првото издание со проширен формат од 48 репрезентации и 104 натпревари наспроти дотогашните 32 тимови и 64 натпревари. Оваа промена е прво проширување на форматот во последните 28 години и токму таа е главниот двигател на рекордните финансиски резултати на ФИФА. За целиот четиригодишен циклус 2023–2026, вкупните приходи се очекува да достигнат 13 милијарди долари, наспроти 6,5 милијарди долари во циклусот 2019–2022.
Само во 2026 година, проценките се движат од околу 8,9 до 10,9 милијарди долари приходи за ФИФА, покажува анализата на СиП (S&P Global Market Intelligence) една од најголемите светски компании за финансиски информации, анализи и кредитни рејтинзи.
Телевизиски права се финансискиот столб
Телевизиските (ТВ) правата остануваат најголемиот единечен извор на приходи за ФИФА. Само во тековниот циклус, приходите од емитување достигнуваат 3,9 милијарди долари, што е раст од околу 30 отсто во однос на циклусот Катар 2019–2022. Правата се продадени во повеќе од 175 територии ширум светот, што го прави ова најголемата медиумска зделка во историјата на кој било спортски настан. Покрај тоа, ФИФА очекува рекордни приходи од 8,9 милијарди долари, поттикнати од договори за емитување и целосно распродадени корпоративни спонзорства, нудејќи неспоредлива глобална изложеност на брендот, покажува анализата на светски познатиот економски магазин Форбс (Forbs).
Интересно, растот на вкупниот приход не значи дека секој натпревар поединечно вреди повеќе. Просечната вредност по натпревар изнесува околу 37,7 милиони долари, што е всушност пониско од 53,6 милиони долари во 2022 година – бидејќи проширувањето од 64 на 104 натпревари го „преплавило” пазарот со повеќе содржина отколку што цените можат да апсорбираат.
Само во САД, англиското право на Fox е проценето на околу 480 милиони долари, а шпанското право на Telemundo на околу 465 милиони долари, при што вкупните регионални права во Северна Америка надминуваат милијарда долари. Европа останува најголемиот единечен пазар со проценета вредност од 1,4 милијарди долари, а Обединетото Кралство сам за себе вреди над 350 милиони долари, пишува „Јахуу спортс“ ( Yahoo Sports).
Спонзорства – рекордна година за брендовите
Приходите од маркетинг права (спонзорства) исто така поставуваат рекорд. Оваа категорија изнесува 2,7 милијарди долари во тековниот циклус, наспроти 1,8 милијарди долари во претходниот. За прв пат во историјата, сите 16 глобални спонзорски договори биле распродадени пред почетокот на турнирот, пренесе „Форбс“.
Значаен податок за американското домаќинство е промената во структурата на спонзорите. Компании со седиште во САД учествуваат со 52% од спонзорските приходи, наспроти 36% во 2022 година, а меѓу новите спонзори се DoorDash и Bank of America, покрај традиционалните партнери Adidas, Coca-Cola и Visa. Од друга страна, до моментот на анализата, ниту една компанија со седиште во Канада или Мексико не станала спонзор – показател дека комерцијалната корист од турнирот не се дели рамномерно меѓу трите земји-домаќини, открива американскиот медиум ТВТ(tvtechnology).
Продажба на билети и ВИП – пакети
Категоријата билети и пакетите со посебни привилегии за посетителите бележи најбрз раст меѓу сите приходни линии. Приходите од натпреварски денови (matchday revenue) пораснаа за најмалку 220% во однос на 2022 година, како резултат на поголем број натпревари и повисоки цени. Вкупно, приходите од билети и ВИП пакети беа проектирани на околу три милијарди долари.
Побарувачката е невидена – повеќе од 500 милиони барања за билети биле поднесени уште пред турнирот да започне, а провајдерот On Location алоцирал над 500.000 ВИП пакети, што е рекорд за Светско првенство. Цените на финалето покажуваат колку драстично порасна пазарот. Цената на топ-категоријата билети за финалето беше трипати повисока од претходно објавени цени, а над 10 пати повисока од споредливи билети на финалето во Катар 2022, пишува „Форбс“.
Аналитичарите го карактеризираат целиот настан како краткотраен, интензивен „шок на побарувачка”, а не структурен двигател на раст во трите земји, со придобивки концентрирани во туристичкиот сектор и ограничени од капацитетски тесни грла.
Кој најмногу профитираше на ова Светско?
ФИФА го зема најголемиот дел од финансиската добивка преку медиумски права, спонзорства и билети, додека градовите – домаќини ги поднесуваат главните трошоци со ограничен директен приход. Локалните економски придобивки обично се краткотрајни и нерамномерни, концентрирани во туризмот и угостителството и избледуваат откако турнирот ќе заврши, вели Мајкл Едвардс, професор по туризам на Државниот универзитет во Северна Каролина за информативниот медиум на универзитетот.
„Кога станува збор за Светското првенство, ФИФА е јасен економски победник затоа што ги контролира највредните и најскалабилните текови на приходите на турнирот“, вели Едвардс.
Дополнително, хотелските резервации во многу градови – домаќини се пониски од очекувањата, а меѓународниот туризам кон САД веќе ослабна од 2025 година, што дополнително го ублажува проектираниот ефект, покажува економската анализа објавена на веб порталот на Државниот универзитет во Северна Каролина.
Бројките покажуваат двослојна приказна. За ФИФА, ова е несомнено најпрофитабилното издание на Светското првенство досега, со комбиниран приход близу 9 до 11 милијарди долари само за 2026 година. За земјите – домаќини, сепак, сликата е поскромна. Ефектот врз вкупниот БДП е мал во апсолутни рамки (особено за САД), концентриран во туристичкиот сектор и нерамномерно распределен меѓу градовите и меѓу трите земји, при што Мексико релативно најмногу добива, а трошоците за инфраструктура и безбедност честопати остануваат на товар на домаќините, а не на ФИФА.


