Геополитичка арена, медиумски мега-производ и глобална поп-културна манифестација. Во ова се претвори најголемиот светски настан, светското првенство во фудбал кој годинава се одржа во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули. Светското првенство одамна не е само фудбал. Тоа е најголемиот медиумски, маркетиншки и политички спектакл што постои во спортот. Натпреварот се пренесува во речиси секоја држава во светот а илјадници новинари известуваат од стадионот. Десетици илјади навивачи патуваат преку континенти за да бидат дел од спектаклот. На социјалните мрежи се објавуваат милиони фотографии, видеа и коментари, а најголемите светски брендови се натпреваруваат чија реклама ќе стане најгледана.
Ниту едно издание на Светското првенство во последните децении не било толку директно испреплетено со меѓународните односи како ова. Турнирот се одржа во сенка на неколку паралелни политички линии на напнатост: администрацијата на Трамп воведе построги визни рестрикции и контроли на имиграцијата токму во годината кога САД требаше да покаже гостопримство кон милиони странски навивачи, а тоа предизвика загриженост дека настанот замислен да го обедини светот наместо тоа ќе истакне исклучување.
Дополнителна тензија дојде од царинските мерки кои администрацијата на Трамп ги воведе врз стоки од Канада и Мексико – земјите со кои САД требаше заеднички да го слави турнирот, при што претседателот дури изјавил дека тензијата „е добра работа” и дека таа ќе го направи турнирот „поинтересен”.
Канадскиот премиер Марк Карни во својата изјава по повод отворањето на турнирот дал само формален осврт кон САД, знак за длабочината на дипломатската непријатност.
Геополитиката навлезе и директно во теренот
Групните натпревари на Иран на американска почва се одвиваа во контекст на воена конфронтација меѓу САД и Иран, а анализите покажуваат дека токму овој случај ги разоткрива границите на спортот како алатка на „мека моќ” кога доминираат реалностите на „тврдата моќ”.
Дополнителна контроверзија предизвика и директната интервенција на претседателот Трамп во спортски прашања – по исклучувањето на американскиот нападач Фоларин Балогун со црвен картон, Трамп лично се јавил кај претседателот на ФИФА Џани Инфантино да бара преиспитување на казната, а ФИФА потоа навистина ја суспендирала неговата казна. УЕФА јавно ја критикувала оваа одлука како прекршување на независноста на фудбалската управа.
Аналитичари од Институтот Бејкер и Советот за надворешни односи (CFR) заклучуваат дека настанот стана простор каде прашањата за визи, пристап и национален имиџ добија поголемо внимание од самата игра, поставувајќи го прашањето дали турнирот замислен да го обедини светот сепак може да ја исполни таа мисија среде растечки политички и економски притисоци.
Социјалните мрежи ја победија телевизијата со 3 спрема 1
Ако телевизијата некогаш беше единствениот прозорец кон Светското првенство, денес социјалните мрежи создаваат паралелна, а можеби и поголема реалност. До средината на турнирот, содржината поврзана со настанот собрала над 146,8 милијарди прегледи на социјалните мрежи.
Само официјалното покритие на американската телевизија Фокс спорт (Fox Sports) генерирало околу 7 милијарди прегледи на дигиталните и социјалните платформи, со над 1.000 видеа кои поединечно поминале 1 милион прегледи.
Она што е особено значајно е дека содржината создадена од независни креатори често станала попривлечна од официјалното покритие. Аналитичарите забележуваат дека содржина без сценарио не само што ја дополнувала официјалната продукцијата, туку често станувала примарното искуство преку кое навивачите го следеле турнирот.
Фокс спорт кој е официјалниот носител на англиските права во САД, го ангажираше шведскиот голгетер Златан Ибраимовиќ како студиски аналитичар за турнирот. Станува збор за потег кој мрежата го опиша како обид да „замавне” по еден од најбараните бивши играчи на пазарот, откако претходно безуспешно се обидела да ги ангажира Дејвид Бекам и Јирген Клоп.
Ибрахимовиќ, кој за својата репутација надвор од теренот е познат речиси колку и за својата кариера, со 573 голови, 34 трофеи и легендарен статус на харизматична фигура – брзо стана „центар на вниманието” на турнирот. Неговите директни, често бомбастични изјави и вирални моменти во студиото, вклучително и препирките со ко-аналитичарот Алекси Лалас, редовно ја надминуваа гледаноста на самите анализи на игра. Кусите видеа од нив на социјалните мрежи станаа вирални. Токму таквиот трансфер на фудбалска легенда во улога на телевизиска ѕвезда, ангажирана не заради тактичка експертиза, туку заради „бидување Златан”, ја илустрира логиката на модерното Светско првенство: личноста и спектаклот околу играта денес продаваат исто толку колку и самиот резултат на теренот.
Инфлуенсерите на финалето – спортот како поп-културен настан
Финалето на 19 јули меѓу Аргентина и Шпанија на стадионот Мет (MetLife) стана толку голем културен настан колку што е спортски. За прв пат во историјата на Светското првенство, на паузата по првото полувреме беше официјално продуциран во стил на американскиот Супербол. Имаше единаесетминутен настап на Крис Мартин од Колдплеј, Мадона, Шакира, BTS и Џастин Бибер, а завршната церемонија вклучуваше настапи на Џенифер Хадсон, Пост Малоун и Роби Вилијамс.
Меѓу присутните на трибините и во ложите беа бројни холивудски ѕвезди како Том Круз, Мет Дејмон, Тимоти Шаламе и Кајли Џенер, Дејвид и Викторија Бекам, покрај политички фигури како Доналд Трамп. Дури и стриминг-инфлуенсерот (iShowSpeed), познат по своите вирални реакции на натпревари со стотици милиони прегледи, настапил на затворената церемонија – симболичен показател дека границата меѓу традиционалните спортски ѕвезди и дигиталните креатори веќе е избришана.
Токму оваа комбинација, спорт, музика и слава на едно место, ја отсликува новата формула, а тоа е дека Светското првенство веќе не продава само 90 минути фудбал, туку целодневен културен настан. Понудата на овогодишното Светксо првенство е 39 дена спектакл во кој драмата на теренот е само еден, сè помал дел од понудата. Овогодишното натпреварување на 48 репрезентации на 104 натпревари може да се порасне наредните четири години на 64 екипи. Претседателот на меѓународното управно тело за фудбал ФИФА, Џани Инфантино, ја отвори вратата за нови 16 репрезентации.


