Светското фудбалско првенство може да порасне од сегашните 48 репрезентации на 64 екипи. Претседалот на меѓународното управно тело за фудбал ФИФА, Џани Инфантино, ја отвори вратата за нови 16 репрезентации.
Плановите за таков формат ќе бидат разгледани по тековното Светско првенство, на кое учествуваа рекордни 48 екипи и за кое Инфантино рече дека било „многу успешно“, јавува Би-Би-Си.
„Светското првенство е настан што треба да биде „за целиот свет“, изјави Инфантино.
Идејата за новото проширено натпреварување беше предложена минатата година, а претседателот на ФИФА изјави за швајцарскиот радиодифузер Блу Спорт дека сè ќе биде разгледано по завршувањето на тековното Светско првенство на 19 јули.
„Кога организирате Светско првенство, важно е да го организирате за целиот свет, не само за Европа и Јужна Америка. На секоја земја треба да ѝ биде дозволено да сонува за учество на Светското првенство. Гледате дека квалитетот на екипите е исклучително висок и станува сè повисок низ целиот свет. Ако не им дадете шанса на помалите земји да учествуваат на Светското првенство, им го одземате поттикот да продолжат да се развиваат“, изјави Инфантино.
Претседателот на ФИФА вели дека првото Светско првенство со 48 екипи било „огромен успех“, наведувајќи го фактот дека девет од 10 африкански екипи се пласирале во нокаут фазата.
„На претходното Светско првенство имало само пет екипи од Африка. Тоа само покажува колку е важно да се вклучат сите екипи, да им се даде шанса да учествуваат“, рече тој.
Од 48-те екипи што се натпреваруваа на Светското првенство во 2026 година, само две беа од Балканот – Хрватска и Босна и Херцеговина (БиХ).
Од поранешните југословенски земји, Србија, Црна Гора, Словенија, Северна Македонија и Косово (чија независност Србија не ја признава, но игра под покровителство на ФИФА и УЕФА) не се квалификуваа. Други балкански земји што не играа се Грција, Бугарија и Албанија.


