Славењето на победата на Аргентина против Англија во второто полуфинале од Светското фудбалско првенство, синоќа доби и политичка димензија откако дел од аргентинските репрезентативци извадија транспарент дека Фокландските острови се дел од Аргентина – децениски спор меѓу Буенос Аирес и Лондон, пренесоа светските новински агенции.
Транспарентот го постави Џовани Ло Селсо, а му се придружија уште неколку соиграчи меѓу кои и капитенот Лионел Меси. На транспарентот пишуваше „Малвините се аргентински“. Малвини е друго име за Фокландските острови.
Гестот со транспарентот беше поздравен со аплауз од дел од навивачите.
И потпретседателката на Аргентина, Викторија Виљаруел, ја поддржа пораката на репрезентативците, пренесоа агенциите.
„Ова не беше само уште еден натпревар. Фолкландските Острови се аргентински. Можат да ги забранат на стадионот, но не можат да ни ги одземат, бидејќи ги носиме во нашата крв и во нашите срца“, изјави Виљаруел.
Фокландските Острови, кои Аргентинците ги нарекуваат Малвини, се британска прекуморска територија, Аргентина со децении го оспорува британскиот суверенитет над архипелагот. Тој спор кулминираше во 1982 година со војна меѓу Велика Британија и Аргентина, која заврши со британска победа.
Дисциплинските правила на ФИФА не дозволуваат политички пораки на терените, без разлика дали пораките се истакнуваат преку транспаренти, облека или други симболи. ФИФА за овој гест на аргентинските репрезентативци веднаш отвори истрага.


