Од преспански бисер во туризмот до споменик на институционална негрижа

Објавено:

Заборавениот туристички сон на Преспа, хотелот „Европа“ стои како тивок споменик на една надеж за голем туристички центар. Отешево, малото село во Преспа, ја поседувало целата убавина за идеален туристички центар. Но грандиозниот хотел „Европа“ веќе со години е напуштен, а неговите ходници и сали се претворени во сцена каде што природата ја освојува повторно својата територија.

Во лобито, каде што некогаш се слушал џагорот на гости и чекорите на келнери, сега владее тишина. Од теписите никнуваат тревки и мали растенија, како да се пробиваат низ ткаенината за да освојат место. Сѐ помалку ќерамиди има на таванот, па растенијата кои никнуваат меѓу тепихот и плочите во лобито слободно се хранат со сончевите зраци, а секој агол е осветлен од природата што го презема просторот. Ластовички се вселиле на терасите, а балконите со поглед кон езерото се обраснати со грмушки.

Собите, некогаш уредени со кревети и завеси, денес се празни школки. Во нив се насобираат лисја и пајажини висат од таваните.

Хотелот „Европа“ е жив пример за тоа како времето и запоставеноста ја менуваат намената на просторот. Човекот одамна си заминал, а природата го окупирала секој агол, со своја тивка упорност и безмилосна убавина.

Хотелот „Европа“ во Отешево, изграден во 1987 година со амбиција да биде најголемиот туристички комплекс во Преспа, денес е само руина. Наместо да биде мотор на развојот, тој стана споменик на неуспешните планови и на институционалната негрижа.

 Хотелот во ваква состојба привлекува нова публика, а тоа се „urban explorers”, авантуристи во потрага по убавината на распаѓањето. Дел од нив оставаат свој печат и потпис.

Додека друг дел пак, земаат со себе се што можат, и онака никој не гледа. Кражбите го соголија хотелот кој веќе беше оштетен од пожарот во 2005 година. На ѕидовите нема останат ниту еден штекер, ниту еден прекинувач за светло, ниту пак кабел се гледа од некаде.

Украдени се и оние плочки кои можеле да се извадат од ѕидот без да се оштетат, а тие што се оштетиле лежат на подот. Истата суднина ја имаа и мермерните плочки со кои биле обложени столбовите, кои веројатно красат нечиј двор во соседството.

Хронологија на една туристичка надеж

Хотелот „Европа“ во Отешево некогаш беше еден од најрепрезентативните туристички објекти во Македонија и симбол на развојот на туризмот на Преспанското Езеро. Туристичката населба Отешево почнала да се развива уште во 1948 година, кога таму било изградено првото организирано одморалиште во тогашна Социјалистичка Република Македонија. И покрај скромната механизација во тоа време, изградбата на одмаралиштето Отешево резултирала со угостителски комплекс кој за тогашните услови бил вистинско чудо: простран хотел со соби, тераси и директен пристап до езерскиот брег, а околу него била оформена и туристичка населба со игралишта и излетнички простори.

Хотелот „Европа“ бил изграден во 1987 година како големо проширување на постариот хотел „Југославија“. Хотелот „Европа“ всушност претставува продолжение на постариот хотел „Југославија“, изграден во првите децении од развојот на туристичката населба Отешево.

Hotel Jusoglasvija
Остатоците од Хотел Југославија

Со доградбата на новото крило во 1987 година, двата објекта биле архитектонски поврзани во единствен хотелски комплекс, кој станал еден од најголемите и најрепрезентативни туристички капацитети на Преспанското Езеро.

Хотелот е изграден веднаш до болницата за белодробни заболувања „Отешево“. Локацијата на Специјалната болница во Отешево не била избрана случајно. Уште при нејзиното проектирање, стручните анализи ја опишуваат како природна „воздушна бања“, место каде што се среќаваат медитеранската, континенталната и планинската клима.

Комбинацијата од чист воздух, високата концентрација на кислород, близината на Преспанското Езеро и специфичната микроклима била препознаена како исклучително поволна за лекување и рехабилитација на пациенти со белодробни заболувања, поради што токму Отешево станува еден од најзначајните климатски лекувалишта во тогашна Југославија.

Во тоа време, имињата „Југославија“ и „Европа“ носеле силна симболика, спој на државата во која бил изграден комплексот и визијата за отвореност кон европскиот туризам. Но, и показател за промена на една епоха, „Југославија“ го одбележува периодот на федерацијата, а „Европа“ ги отсликува надежите и насоката на земјата кон европската иднина во првите години од транзицијата.

Денес, очигледна иронијата. Објектот што требало да ја поврзе „Југославија“ со „Европа“ остана напуштен и руиниран, претворајќи се во симбол на пропаднатите туристички амбиции, економската транзиција и децениската негрижа за еден од највредните туристички локалитети во Македонија.

Проектот го изработиле архитектите Ѓорѓи Банишки и Ѓорѓи Павлеска, а објектот, со повеќе од 11.000 квадратни метри, бил еден од најголемите хотелски комплекси на Преспанското Езеро. Во времето на Југославија важел за престижен хотел од висока категорија, со ресторан, конгресни сали, апартмани и бројни туристички содржини. Неговата архитектура претставувала комбинација на современ постмодернистички стил и елементи од традиционалната македонска архитектура.

По распадот на Југославија и падот на туристичкиот промет, хотелот постепено почнал да пропаѓа. Во 2003 година избувнал голем пожар, кој уништил значителен дел од комплексот. За причините никогаш не беше дадено официјално и конечно објаснување, а во јавноста со години кружеа различни шпекулации – од несреќен случај до намерно подметнат пожар. По пожарот хотелот бил целосно напуштен и оставен да пропаѓа.

Врв во туризмот

По отворањето, хотел „Европа“ прераснал во еден од најпрепознатливите симболи на преспанскиот туризам. Гостите го паметат по прекрасниот поглед кон езерото, рибината чорба која важела за специјалитет на куќата, како и по дискотеката во која се одвивале познати летни забави. Во него престојувале и странски гости, а населбата Отешево во тој период се сметала за една од најпосакуваните туристички дестинации во тогашна Македонија.

Пожарот и почетокот на пропаѓањето (2005)

Пресвртницата настанала во 2005 година, кога хотелот изгорел во пожар избувнат под нејасни и сомнителни околности кои никогаш до крај не биле разјаснети.

Пожарот ги оштетил собите, рестораните, ходниците, парното инсталација и санитарните простории. Веднаш потоа, на местото на пепелта настапила уште поголема девастација — во месеците и годините што следеле, објектот систематски бил ограбуван. Однесени биле вратите, прозорците, електричните кабли, плочките, шпалетите, дури и WC-шолјите, така што од некогашниот угостителски бисер останал само гол бетонски костур.

Обид за спас од Португалците (2006)

Веднаш пред парламентарните избори во 2006 година, урнатините биле продадени на португалската компанија „Аквапура“, и тоа по симболична цена од само еден евро за квадратен метар.

Инвеститорите тогаш најавиле дека ќе вложат над 50 милиони евра и дека Отешево ќе прерасне во една од седумте најубави туристички точки во светот. По смената на власта, договорот пропаднал во меѓусебни обвинувања — компанијата тврдела дека државата ѝ ги кочи дозволите, а институциите одговарале дека сопствениците не доставиле потребна документација. На теренот не биле изведени никакви градежни работи.

Нов обид, старо сценарио (2016)

Во летото 2016 година, урнатините на хотелот биле откупени од компанијата „Глобал инвестмент фонд“ од Обединетите Арапски Емирати. Претставник на инвеститорот, Абдулбари Салах, изјавил дека е задоволен од атрактивната локација и најавил привлекување голем број туристи, додека од Општина Ресен соопштиле дека до летото 2017 година се очекува реновирање и изградба на нов, модерен хотел. Но, за тоа до сега нема ни трага ни глас.

Состојбата денес

И покрај повторените најави и смените на сопственици, од локалната задруга, преку Португалците, до Арапските инвеститори, хотел „Европа“ формално остана заклучен зад ознаката „приватен имот, забранет влез“, без видливи градежни зафати.

Единствено пристапниот пат од социјалистичко време, целосно испукан и неодржуван, потсетува дека некогаш таму навистина водел пат до еден од најпосетуваните хотели во Преспа. Од некогашниот бисер на езерото остана само руина обрасната во вегетација. Распаѓањето на хотелот „Европа“ за локалното преспанско население не е само приказна за еден пропаднат објект, туку симбол на изгубена туристичка перспектива и на едно време кога Преспа била препознаена како значајна туристичка дестинација.

За локалното население, руинираниот хотел е потсетник на пропуштените можности, на работни места што исчезнале, на бизниси што не се развиле и на инфраструктура што со години останува запоставена. Неговото пропаѓање ја отсликува и пошироката криза на македонскиот туризам, каде голем дел од некогашните туристички капацитети изградени во социјалистичкиот период не успеаја да се приспособат на новите услови, оставајќи зад себе напуштени симболи на некогашната туристичка моќ.