Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека Москва наводно има информации за директна вмешаност на САД во нападите врз руска територија, пренесува „Уа.њуз“. Според Лавров, Кремљ очекува објаснување од Вашингтон за овие наводи.
Тој потврди дека Москва до американскиот Стејт департмент испратила список со прашања за можната вмешаност на Вашингтон во нападите врз руска територија од страна на Украина.
„До Стејт департментот испративме низа прашања и побаравме објаснување, вклучително и за разузнавачките податоци, како и за фактот дека САД се многу подлабоко вклучени во организирањето и извршувањето на нападите длабоко на руска територија, насочени кон цивилни цели. Го очекуваме одговорот“, изјави Лавров за руската државна телевизија.
Од американска страна засега нема коментар.
Лавров изјави и дека Русија нема да бара прекин на американската поддршка за Киев како предуслов за преговори.
„Не поставуваме ултиматуми“, додаде рускиот министер.
Лавров, исто така, упати уште една закана кон Украина и рече дека Русија ќе заземе уште поостар став со цел да „уништи сè што од Западот ја поттикнува воената машина на Киев“.
„Тоа веќе го правиме и тие веќе почнуваат да стенкаат. Не е случајно што сè повеќе гласови од различни делови на нашиот заеднички простор повикуваат на итен прекин. Тоа нема да се случи“, изјави рускиот министер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за Украина сега се одвива важен момент во војната. Според него, Русија повеќе нема предност на бојното поле, а главното оружје што му преостанува на Владимир Путин се балистичките ракети.



