Русија подготвува прифаќање на нови 30.000 војници од Северна Кореја кои треба да се вклучат во воените дејствија во Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека пристигнувањето се подготвува во руската област Воронеж уште од јуни. Според Зеленски, Пјонгјанг се спрема да ѝ испорача на Москва и нови лансери за балистички ракети, што тој го оцени како закана и за азиските земји.
Зеленски во ноќното видеообраќање информираше за продлабочување на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг. Тој изјави дека Русија планира да доведе уште 30.000 севернокорејски војници на фронтот. Според неговите информации, подготовките за нивно прифаќање се одвиваат во руската област Воронеж уште од месец јуни, пренесоа светските новински агенции.
Ова доаѓа по веќе реализираното испраќање на околу 14.000 севернокорејски војници претходно во 2024 година, кои беа распоредени во рускиот регион Курск за да помогнат во одбраната од украинските напади, а врз основа на пактот за меѓусебна одбрана меѓу двете земји.
Украинскиот претседател изјави и дека украинските разузнавачки служби располагаат со информации за нова руска помош за Иран, вклучително и наводно споделување сателитски снимки од земјите од Персискиот Залив и американски воени бази во регионот.
Тој најави дека ќе им наложи на украинските разузнавачки служби овие информации да им ги достават на сојузниците на Украина.
„Од почетокот на јули бележиме интензивно сателитско снимање на териториите на земјите од Заливот и на американските воени објекти од страна на Русија. Според нашите информации, овие снимки потоа завршуваат во Иран“, изјави Зеленски.
Според него, постои јасна поврзаност меѓу руското сателитско снимање и нападите што ги извршуваат иранските сили, како во фазата на подготовка, така и при проценката на последиците од нападите.
Зеленски наведе дека само на 19 и 20 јули, четири воздухопловни бази биле предмет на интерес на руските сателити – две во Бахреин и по една во Јордан и Кувајт.



