Децата на агресивни родители може да се пронајдат во улога и на жртва и на насилник

Објавено:


Врсничкото насилство е намерно, повторувачко и штетно однесување при кое постои нерамнотежа во моќта. Ова значи дека едно лице или група деца ја користи својата физичка сила, популарност, социјален статус или друга предност за да повредува, заплашува или контролира друго лице кое тешко може да се одбрани – вели во интервју за Колегиум.мк, Благородна Димова, лиценциран психолог и психодрама терапевт.

По низата случаи на насилство врз малолетници од нивни врсници, со Димова разговаравме за тоа дали насилството раѓа насилство, како да му пристапат родителите на ваквиот проблем, но и каква улога во неговото настанување има самата семејна атмосфера.

Димова, каде е границата помеѓу конфликт и насилство?

Врсничкото насилство е намерно, повторувачко и штетно однесување при кое постои нерамнотежа во моќта. Ова значи дека едно лице или група деца ја користи својата физичка сила, популарност, социјален статус или друга предност за да повредува, заплашува или контролира друго лице кое тешко може да се одбрани.

Границата помеѓу конфликтот и врсничкото насилство е многу важна. Конфликтот е несогласување или расправија меѓу две лица со приближно еднаква моќ, при што двете страни ги изразуваат своите ставови и ситуацијата најчесто е повремена и може да се реши преку едноставна комуникација. Додека булингот пак, се карактеризира со три клучни елементи: намера да се повреди, повторување на однесувањето и нерамнотежа во моќта. За разлика од конфликтот, кај булингот сторителот продолжува со своето однесување и покрај тоа што знае дека му нанесува некаква болка, физичка или емоционална на другото лице. Токму овие три карактеристики како намерата, повторливоста и нерамнотежата во моќта се критериумите што ни помагаат да ја препознаеме разликата помеѓу конфликтот и вистинско врсничко насилство.

Какви психолошки последици може да остави врсничкото насилство врз жртвата?

Врсничкото насилство може да создаде чувство дека светот е небезбедно место и дека на другите луѓе не може да им се верува, што може да предизвика проблеми со саморегулирање на емоциите. Жртвите често се соочуваат со намалена самодоверба, стрес, анксиозност, депресивни симптоми, чувство на несигурност, како и тешкотии во училишното функционирање и односите со врсниците. Доколку не се препознае и не се реши навреме, булингот може да има долгорочни последици и во понатамошниот живот.

Дали и детето жртва може да стане насилник?

Детето кое било жртва на врсничко насилство може во одредени случаи подоцна да покаже насилно однесување, но тоа не значи дека секоја жртва ќе стане насилник. Во едно истражувањата се покажало дека околу 22% од жртвите на врсничко насилство можат да се најдат во групата на оние „жртви-насилници”, особено доколку долго време биле изложени на насилство и немале соодветна поддршка. Причината е што некои деца, наместо да го процесираат чувството на повреденост и беспомошност, можат да развијат лутина и да почнат да користат агресија како начин да се заштитат или да почувствуваат контрола.

Како треба да се разговара со дете кое признало дека било насилно кон другар?

Кога родителот ќе дознае дека неговото дете било насилно кон друго дете, најважно е јасно да му стави до знаење дека булингот не е прифатлив. Детето треба да разбере дека повредувањето, понижувањето или намерното правење некој да се чувствува лошо не е ниту смешно, ниту нешто кул или оправдано. Важно е разговорот да се води смирено и детето да се поттикне да размисли за своето однесување: што направило, зошто тоа било погрешно, кого повредило и што може да направи поинаку следниот пат. Наместо само казнување, целта е детето да ја разбере последицата од своите постапки и да развие одговорност и емпатија.

Родителите не треба да го минимизираат насилното однесување, туку да постават јасни граници и соодветни последици. Важно е детето да се извини на жртвата и да преземе чекори за поправка на штетата. Исто така, потребно е родителите да го следат однесувањето на детето, со кого се дружи, како го поминува времето и како комуницира онлајн.

Соработката со училиштето и другите возрасни лица е исто така многу важна, бидејќи заедничкиот пристап може да му помогне на детето да развие подобри социјални вештини и начини за решавање проблеми. Доколку родителите чувствуваат дека не знаат како да се справат со однесувањето на детето во секојдневието или имаат тешкотии во комуникацијата со него, важно е да побараат насоки и поддршка од стручно лице. Навремената помош може да спречи повторување на насилното однесување и да му помогне на детето да развие поздрави начини на поврзување со другите.

Каква е поврзаноста меѓу атмосферата во самото семејство и појавата на врсничко насилство?

Лошата семејна атмосфера, дисфункционалните семејни односи и родителскиот стрес најчесто не влијаат директно врз врсничкото насилство, туку индиректно преку менталното здравје и психосоцијалното прилагодување на детето.

Истражувањата покажуваат дека финансиските тешкотии, брачните конфликти и хаотичната семејна средина го зголемуваат родителскиот стрес, што води до построги, неконзистентни и емоционално неподдржувачки воспитни практики. Под стрес, родителите почесто реагираат со викање, казнување и агресивно решавање на конфликтите, а поретко обезбедуваат емоционална поддршка. Ваквите модели на родителство го зголемуваат ризикот детето да се вклучи во врсничко насилство, како насилник, жртва или во двете улоги.

Како вештачката интелигенција, социјалните мрежи и новите технологии ќе влијаат врз менталното здравје и врсничките односи во иднина?

Бројни истражувања покажуваат дека постои поврзаност помеѓу користењето на социјалните мрежи и проблемите со менталното здравје, како што се депресијата, анксиозноста и психолошкиот стрес, особено кај адолесцентите. Иако не е целосно докажано дека социјалните мрежи се директна причина за овие проблеми, наодите укажуваат на потреба од претпазливост. А за да можеме навистина да разбереме какви последици ќе има вештачката интелигенција врз менталното здравје и меѓучовечките односи, потребно е да помине одреден временски период. Дури тогаш ќе можеме преку научни истражувања да ги измериме нивните долгорочни ефекти и да добиеме одговори на прашањата што не интересираат, дали ни го олеснуваат секојдневното функционирање, како влијаат врз нашите навики, комуникацијата и квалитетот на односите со другите.

Иако вештачката интелигенција може да има и позитивно и негативно влијание врз менталното здравје, тоа влијание не се случува само преку самата технологија, туку пред се преку начинот на кој луѓето ја користат во секојдневниот живот. Нашето ментално и физичко здравје најмногу зависат од реалните искуства, квалитетот на односите со другите и чувството на припадност. Затоа, колку и да напредува технологијата, важно е да не ги занемариме човечките врски, поддршката од семејството и пријателите, како и здравите животни навики. Токму тие фактори се темел на доброто ментално здравје и ни помагаат полесно да се справиме со предизвиците што ги носи современиот технолошки развој.

Каква е улогата на казнената политика за минимизирање на врсничкото насилство во општеството?

Одговорноста на родителите е важен дел од справувањето со врсничкото насилство, бидејќи семејната средина има големо влијание врз развојот на детското однесување. Сепак, казнувањето на родителите само по себе не секогаш доведува до промена, особено ако зад проблемот стојат семејни тешкотии, недостаток на родителски вештини или други психосоцијални фактори.

Наместо исклучиво казнени мерки, поефикасен пристап е родителите да бидат вклучени во процес на советување, едукација и поддршка, со јасно дефинирана одговорност за преземање мерки за спречување на повторување на насилството. Во случаи каде што постои сериозна негрижа, занемарување или поттикнување на агресивно однесување, соодветни санкции можат да бидат оправдани. Најдобри резултати се постигнуваат кога одговорноста е комбинирана со поддршка, бидејќи целта не е само да се казни, туку да се промени однесувањето и да се заштити детето и заедницата.