Невремето го однесе кровот на базенот во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а без дел од кровотите останаа и основни и средни училишта.
Паднати дрвја, оштетени автомобили, однесени кровови е сликата попладнето од Скопје откако силно невреме го зафати главниот град.
„Си доаѓав од работа, додека паркирав пред зграда пред мене прелета парче лим од кровот. Падна неколку метри подалеку од мене“, вели жителка на скопски Аеродром.
Дел од граѓаните сведочат дека ветрот бил толку силен што им ги отворил вратите од тераси. Пријави за штети веќе има и во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Поради невремето проследено со силен ветер, кое попладнево го зафати Скопје до овој момент преку Единствениот број за итни повици 112 се евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани“, велат од ЦУК.
Штети веќе се пријавуваат и кај локалните власти низ скопските општини. Во Гази Баба едно училиште остана без кров.
„Во овој момент, општина Гази Баба е погодена од невреме кое зад себе остава последици. Урнат е кровот на ООУ ’Наум Наумовски Борче‘, а имам информација и за голем број на паднати дрва. Тимовите се формирани и веднаш штом се создадат услови ќе се излезе на терен и ќе се делува“, наведе градоначалникот Бобан Стефковски.
Без кров остана и дел од средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ (спортската сала) во Аеродром, покажуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи.
Од Општина Аеродром ги повикаа и граѓаните да пријават штети.
Во Карпош, пак, невремето го однесе кровот на базенот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој неодамна беше реновиран.
Невремето беше најавено од УХМР, па надлежните имаа време да се подготват. Се чистеше канализационата мрежа, шахтите и сливниците…
„Кризниот штаб на Град Скопје одржа состанок, целосно е мобилизиран, а екипите ќе бидат постојано присутни на терен, подготвени навремено да интервенираат и да се справат со можните последици. Сите расположливи човечки и технички капацитети се ставени во функција, со цел заштита на граѓаните, имотот и градската инфраструктура, како и спречување поголеми штети“, наведе градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во продолжение погледнете ја фотогалеријата од невремето во Скопје:

















