Нови правила од ЕУ за транспарентност на вештачката интелигенција: Казни и до 15 милиони евра

Објавено:

Од 2 август 2026 година во Европската Унија (ЕУ) почнаа да се применуваат новите правила за транспарентност на системите за вештачка интелигенција, чија цел е граѓаните полесно да препознаат кога комуницираат со ВИ или кога се изложени на содржина создадена или изменета со оваа технологија, пренесоа новинските агенции.

Според правилата на Европската комисија (ЕК), корисниците треба да бидат јасно информирани кога комуницираат со чет-ботови, ВИ-агенти или виртуелни аватари, освен кога од околностите е очигледно дека станува збор за систем на вештачка интелигенција.

Давателите на генеративни ВИ-системи се обврзани содржините што ги создаваат или менуваат да ги означуваат во машински читлив формат. Ова се однесува на синтетички слики, аудиоснимки, видеа и текстови, со цел полесно откривање на содржините произведени со вештачка интелигенција.

Правилата на Европската комисија

Европската комисија на својата веб страница објави и водич за обврски и безбедно и правилно користење.

Јасно и видливо треба да бидат означени и таканаречените „дипфејк“ содржини, како и текстовите создадени со ВИ што се објавуваат за информирање на јавноста за прашања од јавен интерес, доколку не поминале човечка проверка или уредничка контрола.

Обврската за информирање важи и при употреба на системи за препознавање човечки емоции и алатки за биометриска категоризација. Европската комисија објави насоки и доброволен кодекс за да им помогне на компаниите и институциите правилно да ги применуваат новите правила.

За спроведувањето на правилата се задолжени националните надзорни органи, Европската канцеларија за вештачка интелигенција и Европскиот супервизор за заштита на податоците, објави „Тек полиси прес“.

Казни до 15 милиони евра

Компаниите што нема да ги почитуваат обврските може да бидат казнети со најмногу 15 милиони евра или со износ до три проценти од нивниот вкупен годишен промет на светско ниво. За институциите, телата и агенциите на ЕУ е предвидена казна до 750.000 евра, додека кај малите и средните претпријатија ќе се почитува принципот на пропорционалност.

Европскиот закон за вештачка интелигенција стапи во сила на 1 август 2024 година, но неговите одредби се применуваат постепено. Правилата за транспарентност се дел од најновата фаза на примената на законот, кој треба да воспостави заеднички стандарди за безбедна и доверлива употреба на вештачката интелигенција во ЕУ.