Европската унија (ЕУ) го воведува првиот сеопфатен закон за вештачка интелигенција – EU AI Act, кој стапува во целосна сила во август 2026. Законот предвидува строги правила за високоризични системи, забрани за неприфатливи практики и обврски за транспарентност кај генеративни модели. Компаниите што нема да се усогласат ризикуваат казни до 35 милиони евра.
Според „Би-би-си“, EU AI Act ќе има глобално влијание, бидејќи поставува стандарди за безбедност, транспарентност и недискриминација.
„Њујорк Тајмс“ го претставува законот како модел што може да биде усвоен и од други земји, а клучната порака е дека компаниите што развиваат генеративна AI мора да обезбедат јасно означување на содржината и документација за алгоритмите.
И двата реномирани медиуми наведуваат дека EU AI Act е историски закон кој ќе влијае врз глобалната технолошка индустрија, особено кај генеративните модели.
Сите извештаи поврзани со EU AI Act нагласуваат дека се работи за многу сензитивна материја и дека секогаш треба да се консултира EUR-Lex, односно Службениот весник на ЕУ.
Што е EU AI Act?
EU AI Act е првата глобална законска рамка за регулирање на вештачка интелигенција, пренесува is4.ai, специјализиран сајт за следење на трендовите поврзани со вештачката интелигенција. Усвоен во август 2024, со постепена имплементација во 2025–2026, тој, поставува ризик-базиран систем за класификација на AI апликации:
- Неприфатлив ризик – Целосно забранети (социјално скорирање, манипулативни системи, предиктивно полицирање).
- Висок ризик – Најстроги правила (биометриска идентификација, критична инфраструктура, образование, вработување, правосудство).
- Ограничен ризик – Обврска за транспарентност (чатботи, генеративни модели, deepfake содржини).
- Минимален ризик – Без посебни обврски (спам филтри, игри).

Клучни обврски кои се наметнуваат за компаниите се:
- Класификација на сите AI системи;
- Надгледна структура со назначен AI Compliance Officer;
- Тимови за ризик и документација;
- Ризик менаџмент и континуирано следење на високоризични системи;
- Документација и логирање за „тракинг“ на одлуки и податоци;
- Транспарентност – Информирање на корисниците кога комуницираат со AI систем и јасно назначување на содржини создадени од AI;
- Регистрација во ЕУ – база за високоризични системи пред нивно пуштање на пазар;
- Обука и стички стандарди – Да воспостават кодекс на однесување за развој и употреба на AI и да го обучат персоналот за законските обврски и етичката употреба на AI.
Временска рамка
Имплементацијата на законот е постепена и таа започна во февруари 2025 со забрана за неприфатливи практики.
Од август 2025 се воведоа правила за генеративни модели, додека од февруари 2026 започна воспоставување на надзорни тела. Целосната примена за високоризични системи, пак, треба да започне од август 2026.
Казни до 35 милиони евра
Европската регулатива предвидува и високи казни. Една од нив е до 35 милиони или 7% од глобалниот приход на компаниите доколку употребуваат за забранети практики. До 15 милиони или 3% од приходите, пак, за прекршување на обврски додека глоби до 7.5 милиони или 1.5% се предвидени за давање неточни информации до властите.


