Што да правиме со меѓуврсничкото насилство?

Објавено:

Како и поголемиот дел од македонската јавност, така и јас го видов видеото од меѓуврсничкото насилство во скопски Аеродром каде голема група на малолетници малтретираа и се изживуваа врз седмоодделенка—најверојатно нивна соученичка од училишните клупи.

Многу повеќе од самото физичко насилство врз девојчето ме вџашија сексуалните коментари што повеќе момчиња ги дофрлаа додека останатите девојчиња ја малтретираа жртвата. Без да навлегувам во етичноста на објавувањето на видеото—сепак идентитетот на малолетниците беше заштитен преку заматување на ликот—Слободен печат ја стави оваа страшна вистина на виделина.

Во тој поглед, во видеото забележав три вакви дофрлања: на самиот почеток, некаде на средина и на самиот крај. Без да ги цитирам ваквите гадости, можам да забележам дека коментарите секогаш беа искажани од машки насилници, се однесуваа на машкиот полов орган и беа од исклучително графичка природа.

Имајќи на ум дека станува збор за седмоодделенци т.е. за деца од 11 до 12 години, не можев а да не бидам фрапиран од графичноста и експлицитноста на дофрлањата, како и од потребата да се сексуализира групното насилство врз девојчето, односно додека насилничките физички ја малтретираа девојката, дел од машките насилници преку овие коментари се обидоа и сексуално да ја понижат жртвата, додавајќи и уште една димензија на насилството во Аеродром.

Намерно ја спомнувам возраста на насилниците. Во тие години децата, иако се веќе сексуално будни преку влегувањето во пубертетот, чисто се сомневам дека се и сексуално активни. Што го поставува прашањето од каде машките насилници го црпат материјалот за нивните сексуални дофрлања, ако немаат лично искуство?

Најверојатниот одговор е порнографијата. Според студија направена во САД во 2023 година, 73% од испитаниците (тинејџери на возраст од 13 до 17 години) признале дека гледале порнографски содржини пред да наполнат 17 години. Во просек првпат гледале кога имале 12 години. Достапноста на порнографските содржини на интернет, а малкуте правила и регулации достапни на родителите, значи дека сегашната дигитална генерација на млади луѓе и деца својата прва средба со сексуалноста ја имаат преку оваа индустрија.

Пред неколку години, познатата млада пејачка Били Ајлиш проговори за проблемите што таа ги имала поради прерана изложеност на порнографски содржини, кои кај неа создале нереални очекувања поврзани со сексот, но и нормализирале насилство врз жените и девојчињата за време на чинот.

Особен проблем на продуктот на порнографската индустрија е присутноста на насилство врз жените во сцените. Друга студија покажува дека скоро половина од сцените вклучуваат барем еден чин на физичка агресија, а во ваквите сцени жените се предмет на насилство во 97% оф случаите.

Така порнографијата, особено таа присутна на главните интернет страници и правена во индустриски студија, влијае на младите и нивните умови, нормализирајќи го очекувањето дека насилството врз жените е прифатливо. Изложеноста на вакви содржини води кон тоа насилството врз жените и девојчињата да го напушти дигиталниот свет и да се прелее во реалниот како нешто нормално, очекувано, па дури и посакувано.

Вака УНИЦЕФ го сумира овој проблем: „Изложеноста на порнографија на млада возраст може да доведе до лошо ментално здравје, сексизам и објективизација, сексуално насилство и други негативни исходи. Меѓу другите ризици, кога децата гледаат порнографија што прикажува навредливи и мизогинистички дејствија, тие може да почнат да го сметаат таквото однесување за нормално и прифатливо“.

Ако британскиот писател К. С. Луис предупредуваше од негативните ефекти на создавањето „харем од имагинарни невести“, искуството со порнографската индустрија покажува дека таа произведува ризик за мошне вистинско насилство кон реална личност (а не фантазија) и дека насилството излегува од контрола и не се ограничува на една соба.

Кое е решението? Кривично-правниот систем мора да биде на висина на задачата. Казна за насилниците во Аеродром мора да има. Треба да се казнат и сторителите на претходните насилни чинови познати на јавноста бидејќи очигледно перцепцијата дека истите поминале лесно охрабрила други да вршат насилство, мислејќи дека ќе поминат неказнето.

Додека кривично-правниот систем утврдува одговорност и вина за поединечните инциденти, решавањето на генерацискиот проблем лежи само во образованието.

Решението го дадов со Сојузот на средношколци уште во мај 2023 година. На 5 мај таа година бев поканет од страна на тогашниот министер за образование и наука на состанок во Министерството по масакрот во основното училиште во Белград.

На состанокот презентирав четири предлози, кои подоцна беа прифатени од страна на Владата и интегрирани во деветтата и десеттата препорака што таа ги изрече. Имено, тогаш властите ги обврзаа училиштата да обезбедат просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и доколку имаат потреба учениците да можат да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог.

Сојузот предложи подготовка на протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози. Наместо администрација, тие треба да остваруваат средби во четири очи со секој средношколец кој има потреба од тоа.

Сметавме дека за овој чекор нема да бидат потребни повеќе од два месеца, за да може во текот на летото да се организираат обуки за тимот на стручни соработници во училиштата околу новиот модел на работа за време на летото и есента од истата година.

Обуките беа замислени да бидат проследени со задолжително тестирање за да се осигура квалитетот и целисходноста на истите, како и да се даде можност да се отргне неквалитетниот кадар од образовниот сектор, а и да се наградат најдобрите.

Мојот мандат заврши во јуни истата година и, за жал, не можев целосно да се посветам на имплементацијата на овој проект. Ако ви кажам дека оваа визија не се оствари, нема да ви кажам ништо ново. Властите во својата опседнатост со нови избори немаа време да ѝ се посветат. Но, таа останува присутна и јас цврсто стојам зад неа и тврдам дека е можна. Вистинското прашање е дали се сака да се спроведе? Се има ли волја?

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.