Вкупно 220 луѓе чекаат донација на орган за да можат продолжат со животот со помалку здавствени потешкотии. Меѓу нив се 168 пациенти коишто чекаат за бубрег, 37 пациенти коишто чекаат за срце, 12 за црн дроб и 23 за рожници. Зад секој број стои човек, семејство и надеж за подобар живот.
„Од тема што предолго живееше под превезот на страв и тема за која се зборуваше во болничките ходници, успеавме да создадеме тема за која се зборува јавно, одговорно и достоинствено. Органодарителството денес е тема на доверба, на лична волја, на солидарност и на зрелост на нашето општество“, изјави министерот за здравство во заминување Азир Алиу, на прес конференција посветена на трансплантацијата по донесувањето на законот во Собранието.
Полнолетните граѓани отсега ќе можат официјално да се изјаснат дали сакаат да ги донираат своите органи по смртта, а кругот на живи донори се проширува до чевртиот степен на сродство. Ова се двете клучни измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело, кои ги усвои Собранието. Со ова решение, Собранието со 58 гласа „за“ и 6 „против“, ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се менува пристапот кон органодарителството и трансплантацијата во земјата.
Таа волја преку изјавата ќе биде евидентирана во системот, а граѓанинот ќе може во секое време да ја промени. Пред да ја даде изјавата, избраниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, за нејзините правни последици и за правото таа во секое време да може да се промени.
„Пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран, што значи дека секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица. Дополнително, граѓанинот во секое време ќе може да ја промени својата одлука со нова изјава кај својот избран лекар, а важечка ќе биде секогаш последната евидентирана изјава“, истакна Алиу.
Системот ќе стартува на 1 октомври 2026 година. До тогаш, институциите имаат задача да обезбедат сè да биде подготвено – технички, организациски и комуникациски. Пристапот до податоците ќе биде строго контролиран, а секоја промена на одлуката ќе се евидентира.
Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, додаде дека промените не се случиле преку ноќ. „Имавме многу обработени потенцијални донори, но малку согласности. Сфативме дека клучот е во волјата на индивидуата. Затоа законот ја става личната одлука во прв план. Органодарителството е доброволно и секој има право да ја менува својата одлука во текот на животот,“ рече таа.
И Алиу и Кузмановска упатија најголема благодарност до семејствата на донорите – оние што во најтешкиот момент избрале нивната болка да значи надеж за друг.
„Изградивме доверба, поставивме систем и создадовме механизам што ќе носи нови шанси за живот,“ заклучи министерот.
Втората измена овозможува трансплантација од жив дарител да се врши и меѓу поширокото семејство, односно до четврти степен на сродство. Со цел да се спречат злоупотреби, притисоци или трговија со органи, секоја ваква процедура ќе мора да добие одобрение од Етичката комисија.


