Американската трева проблем на Светското првенство

Објавено:

Една од неочекуваните новинарски теми на овогодинешното Светско првенство не е фудбалот, туку тревата на терените.

Организаторите во неколку американски градови водат вистинска битка за одржување на терените, бидејќи дел од натпреварите се играат на хибридни подлоги, пишува новинската агенција Ројтерс. Станува збор за природна трева поставена врз основа која вообичаено се користи за вештачка трева.

Веднаш по завршувањето на натпреварите, екипи од одржувачи излегуваат на терените за да косат, четкаат, засадуваат нова трева и да ги поправаат оштетените делови. Причината е што површините трпат огромен притисок од натпреварите, а условите значително се разликуваат од стадион до стадион.

Некои фудбалери и тренери веќе се пожалија на квалитетот на подлогата.

Францускиот селектор Дидие Дешамп изјави дека тревата на стадионот во Њу Џерси е „невообичаена“ и дека одскокот на топката е различен од очекуваното.

„Да речеме само дека е… различно е. Невообичаено е, па мора да се навикнете на него“, рече Дешан.

Играчот од средниот ред Адриен Рабио отиде чекор понатаму, оценувајќи дека теренот повеќе наликувал на вештачка отколку на природна подлога.

Според експерти за спортска биомеханика цитирани од Ројтерс, врвните фудбалери можат да почувствуваат и минимални разлики во цврстината на тревата, што влијае врз нивното движење и чувството за контрола на топката.

Од ФИФА, пак, тврдат дека сите терени ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и игра, нагласувајќи дека визуелниот изглед на тревата не секогаш ја отсликува нејзината вистинска состојба.

Бидејќи турнирот е сè уште во рана фаза, Ројтерс оценува дека вистинскиот тест за овие хибридни терени допрва следува, а борбата меѓу копачките на играчите, временските услови и модерната технологија за одржување на тревата штотуку започнува.