Зошто Светското првенство во фудбал е историско?

Објавено:

Со натпревар помеѓу домаќинот Мексико и Јужна Африка вечерва започнува 23. Светско првенство во фудбал.

Ќе трае 39 дена и ќе се одиграат рекордни 104 натпревари кои ќе кулминираат со големото финале закажано на 19 јули во Њу Џерси, САД кои се кодомаќини со Мексико и Канада.

За одбрана на титулата ќе играат Лионел Меси и неговите соиграчи во репрезентацијата на Аргентина, но тие не се меѓу фаворитите. Улогата на фаворит овој Мундијал ја имаат Шпанците и Французите.

Очекувањата се дека трибините на стадионите во САД, Мексико и Канада ќе има повеќе од шест милиони навивачи во текот на турнирот, а уште шест милијарди луѓе ширум планетата Земја ќе го следат преку медиумите. Ова го прави годинешниот Мундијал најголем поединечен спортски настан на сите времиња.

Историско ова првенство го прави и тоа што на него ќе учествуваат рекордни 48 репрезентации подели во 12 групи. Претходниот број на учесници беше 32.

Големиот број на национални тимови значи и најголем број фудбалери – вкупно 1.248. Од нив, 357 претходно играле на барем едно Светско првенство, 22 од нив успеале да го освојат Светското првенство, додека 891 играч за првпат ќе заиграат на вакво натпреварување.

Канада, Мексико и САД автоматски се квалификуваа за турнирот како домаќини, додека Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан ќе го имаат своето деби на Светското првенство.

Натпреварите ќе се играат во вкупно 16 града: 11 американски, три во Мексико и два во Канада.

Ова ќе биде и првото Светско првенство на кое домаќини се три земји. Претходно, само во 2002-та домаќини беа повеќе од една нација – Јужна Кореја и Јапонија. Мексико, пак, е првата земја во која се одржале три Мундијали, откако беше домаќин во 1970 и 1986 година.

Ова е 23. Светско првенство што го организира ФИФА. Минатото во 2022 се одржа во Катар, а во финалето Аргентина на пенали ја победи Франција.

Рекордер со освоени златни медали на Мундијалите е Бразил кој пет пати беше светски шампион. По него со по четири титули следуваат Германија и Италија, додека Аргентина има три, Франција и Уругвај по две, а Англија и Шпанија се со по една титула.