Лопата, метална лајсна и апликација со звуци од диви животни се „оружјата“ со кои дел од жителите на дипломатската улица во скопската населба Капиштец понекогаш се шетаат навечер за да се одбранат од новите неканети гости. Тоа се диви свињи кои во изминативе неколку недели редовно се симнуваат од Водно и шетаат низ дворовите на жителите на Капиштец. Станува збор за таканаречената дипломатска уличка на која се наоѓаат резиденциите на британската, полската и шведската.
„Пред некој ден кога се појавија во близина на мојот дом го видов како италијанскиот амбасадор си го шета кучето, па викнав по него од тераса да се врати дома, да не се исплаши, и тој кучето си го зема во раце и си замина“, раскажува за Колегиум.мк една од жителките на улицата.
Жителите на оваа улица кои до Колегиум.мк го испратија ова видео од „ноќните гости“ во нивните двор, велат дека за овој проблем речиси секој ден пријавуваат до некоја институција и дека оваа се појава се претвора во „несреќа која чека да се случи“.
Како што велат, ги известиле општинските служби на Град Скопје и Центар, Центар за управување со кризи, Министерството за земјоделие, ЗОО, Федерација на ловџии, од каде што или немало одговор, а ако имало гласел пратете ни маил, па дури и писмо по пошта, или едноставно „не се надлежни“. Сопственичката на имот во таа улица која побара да остане анонимна, посочи дека најкреативен одговор добила од инспекторот за ловство.
„Оттаму телефонски ме споија со главниот инспектор за ловство кој ми рече дека дивите свињи не се опасни, но да сум си нашла да се качам врз кола или на дрво, ако тргнат накај мене. Кога го прашав дали ќе ми гарантира дека нема ништо да ми направат ако кај мене во двор се сретнеме со дивите свињи, кусо ми повторни дека не гарантира, и за секој случај да се качам на нешто високо“, вели низ насмевка и неверување жителката на оваа улица.
Таа додаде дека помош барала и од полицијата, која редовно се појавувала на нејзината врата но, средбата завршувала само со записник, затоа што, како што вели, реално немало што повеќе да направат.
„Со марица дојдоа, па се пошегував со нив, да не ќе ги апсат дивите свињи, ама па, што да прават, тоа им е по протокол“, низ насмевка раскажува.
Затоа, додава секоја од комшиките се снаоѓа која како може и умее, да се заштити себе си, но и децата кои приквечер на улицата возат велосипеди, баш во терминот кога дивите свињи се симнуваат по „вечера“.
„Понекогаш си јадат од ѓубрето по улиците што не секогаш е навремено собрано, се симнуваат да си каснат од плодови од дрвјата,како цреши, дудинки и кајсии. Јас кога се враќам од работа навечер пешки, не знам дали пред порти ќе ме пречека дива свиња или не. Ќерка ми излегува навечер, и со метална лајсна излегувам да ја допратам до дома, за секој случај, може ќе ми треба да се бранам“, вели таа.
Во ситуација кога ниту една институција не презема ништо, соседите на оваа улица велат дека лекот си го бараат на интернет, да откријат како да се заштитат.
„Јас сум со метална лајсна, другата комшика излегува со лопата, една пак симна апликација со некои посебни звуци кои би требало да ги исплашат дивите свињи и да побегнат, и секој со својот начин. Некои велат дека не е страшно, навикнати се и си тераат по старо“, вели таа.
До објавувањето на овој текст, од инспекторатот за ловство не одговорија на новинарските прашања на колегиум.мк за тоа зошто е се преземени мерки за заштита на жителите кои се жалат на зачестена појава на диви свињи во урбана средина.
Забележувањето на диви животни во урбани средини е сериозен сигнал дека природната рамнотежа е нарушена. Во изминативе неколку години жителите на Водно објавуваат разни видеа од диви животни како лисица или диви свињи кои се „шеткаат“ по скопските улички. Причините за симнувањето на дивите свињи во урбаниот дел на Водно може да бидат градежната експанзија и забавите кои ги бркаат од нивните природни живеалишта, велат експертите.
Раководител на Програмата за зачувување на диви видови животни во Македонското еколошко друштво (МЕД), Диме Меловски вели дека на Водно, појава на диви свињи отсекогаш ги имало, но како што луѓето се повеќе заземаат и урбанизираат делови до планината, несомнено се навлегува во нивната територија.
„Населбите се шират цело време, се приградува овде и онде, се повисоко се градат викендички и тие свињи си знаеле дека таму можеле да си најдат храна и одеднаш таму сега има куќа. А покрај тоа, може и дел од органски отпад од куќите кој се фрла во близина или до контејнери, па тоа да ги привлекло. Нема потреба да се плашат, затоа што свињите не се агресивни, но да бидат внимателни“, вели Меловски.
Тој објаснува дека дополнителна улога има и самата природа.
„Дивата свиња од неодамна беше да кажеме десеткувана нејзината популација од африканската свинска чума, која ги зафати свињите кај нас. Многу од свињите, во последните четири пет години ги снема од планините, се намали нивната популација.Но сега, односно пред година две, почна да се враќаат, затоа што тоа е доста адаптибилен вид на животно, кој лесно може да ја врати својата популација колку што е капацитетот на живеалиштето. Што значи, свињата сега се враќа и почнува да си ги зазема старите живеалишта“, објаснува Меловски.
Во однос на надлежноста на институциите, единствен надлежен е секторот за ловство при Министерството за земјоделство и шумарство. Со оглед дека не е сезона за ловење, потребно да се побара помош од најблиското ловиште кое со дозвола од секторот за ловство ќе може да преземе мерки, да го исплаши дивечот за да се тргне оттаму. Во спротивно, жителите единствено што можат да направат е да си ги заштитат дворовите и да постават поголеми и појаки заштитни огради, вели Меловски.


