ФОТОГАЛЕРИЈА: Волкот од Козле навистина е волк

Објавено:

По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера (12 мај) беше заловено во скопската населба Козле е волк, а не куче или мешанец, соопштија од Зоолошката градина (ЗОО) Скопје.

Во истото се увериле и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење“, додаваат од ЗОО Скопје.

Ова следува по какофонијата од информации претходно во текот на денот за тоа дали волкот е навистина волк или куче.

Имаше и информација дека е куче кое е изгубено и сопственикот трага по него. Сепак, од ЗОО објавија дека сопствениците што два месеци трагаат по кучето Сириус од расата чехословачки волчјак биле во Зоолошката и на самото место се увериле дека не станува збор за нивното куче туку за волк.

„Животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби беше земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст“, соопштија од ЗОО Скопје.

Оттаму апелираат да не се шират шпекулации и порачуваат дека ќе ја следат здравствената состојба на волкот и неговото однесување, по што ќе објават кои ќе бидат следните чекори.

Волкот беше забележан синоќа во населено место во Козле, по што граѓани пријавиле во полиција. Тој бил со ремен и ланец, па полицајците го врзаа за бандера додека да пристигнат службите од Зоолошката градина.

Тие го успаа и транспортираа во ЗОО.

Во продолжение погледнете ја фотогалеријата од волкот што ја објавија од скопската Зоолошка градина: