Соединетите Американски Држави и Иран се договорија да ги прекинат меѓусебните напади „мило за драго“, повторно да се сретнат на разговори и да овозможат безбеден проток на бродовите низ Ормудскиот Теснец, изјави американски функционер за Радио Слободна Европа. Во меѓувреме дел од медиумите јавуваат дека разговорите ќе се одржат на 30 јуни во Катар.
„Планирано е да продолжат техничките разговори за сите области од [меморандумот за разбирање]. Двете страни засега ќе отстапат, а бродовите можат слободно да се движат [низ теснецот]“, рече официјалниот претставник доцна навечер на 28 јуни.
Техеран не коментираше, а неговиот став за продолжување на разговорите не е веднаш познат.
Овие изјави доаѓаат откако Иран, повикувајќи се на американските напади врз земјата и на, како што рече, прекршувања на неодамна договорениот меморандум за разбирање, одби да се сретне со американските преговарачи како што беше предвидено на 28 јуни.
„Една од причините е да се провери дали имаме пристап до одмрзнатите средства. Доколку нема пристап, тогаш овој услов не е исполнет“, изјави Мехди Фазаели од канцеларијата на иранскиот врховен лидер.
Повеќе детали не беа веднаш достапни. Иран во текот на викендот пукаше врз комерцијални бродови во теснецот, што ги предизвика американските сили да ги нападнат иранските крајбрежни радари и воени локации во обид да го заштитат поморскиот сообраќј.
На 28 јуни, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи тврдеше дека Техеран ја вратил целосната контрола врз пловидбата во Ормудскиот Теснец во следните 30 дена.
„Секое мешање или обид за создавање паралелни структури дополнително би ја комплицирало ситуацијата, би предизвикало дополнителни тензии и би го одложило повторното отворање на овој стратешки витален воден пат“, рече Аракчи, повторувајќи го тврдењето дека одговорноста за теснецот е исклучиво на Иран.
Претходно истиот ден, Иран истрела ракети и дронови насочени кон американските воени локации во Кувајт и Бахреин, набрзо откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Вашингтон би можел да ја ескалира својата воена кампања доколку Техеран не се придржува до прекинот на огнот.
„Може да дојде момент кога повеќе нема да бидеме во позиција да бидеме разумни“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека Соединетите Држави би можеле „воено да ја завршат работата“ што ја започнаа на 28 февруари.
Ескалацијата уследи по американските напади врз иранските воени локации неколку часа претходно, за кои Вашингтон рече дека биле извршени како одговор на иранските напади врз комерцијалните бродови во Ормудскиот Теснец.
Привремениот договор имаше за цел да ги запре борбите што избија по американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари и повторно да го отвори Ормудскиот Теснец за комерцијален сообраќај додека продолжуваат пошироките преговори.
Следната сесија, на 30 јуни, првично беше закажана во Швајцарија за да се разговара за нуклеарната програма на Иран, но иранскиот медиум „Аксиос“ објави дека последната ескалација на нападите од двете страни довела до префрлање на сесиите во Катар и дека тие сега ќе се фокусираат на Ормудскиот Теснец.
За време на претходните преговарачки сесии, Вашингтон и Техеран се договорија да воспостават „жешка линија“ меѓу американската војска и тврдокорната Иранска исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) за координирање на сообраќајот на бродовите и други прашања. Сепак, според извештаите, таа линија не била во функција заклучно со 27 јуни.


