Иран соопшти дека извршил напади врз цели поврзани со американските сили како одговор на американските воздушни напади врз неговиот јужен брег, за кои наведе дека ја нарушуваат Повелбата на Обединетите нации и меморандумот за завршување на војната меѓу двете земји, се вели во соопштение на Министерството за надворешни работи.
Иран не ги идентификуваше целите ниту соопшти каде се наоѓале – пишува новинската агенција Ројтерс.
Иранска државна агенција Tasnim News објави дека Министерството за надворешни работи на Иран „остро ги осудува неодамнешните американски воздушни напади врз јужните крајбрежни области на Иран, опишувајќи ги како очигледно кршење на меѓународното право и на меморандумот за разбирање со кој се завршува наметнатата војна“.
Министерството за надворешни работи на Исламската Република Иран најостро ги осудува воздушните напади извршени од терористичката војска на Соединетите Американски Држави вечерта во петок, 26 јуни 2026 година, врз неколку точки на јужните брегови на Иран – се вели во соопштението.
Овие брутални напади, додава Министерството во соопштението, насочени кон иранските крајбрежни надзорни објекти, претставуваат „јасно кршење на став 4 од член 2 на Повелбата на Обединетите нации, како и експлицитно кршење на првиот став од меморандумот за разбирање за завршување на наметнатата војна од 18 јуни 2026 година“.
„Во исто време, окупаторскиот и апартхејдскиот ционистички режим, во координација со Соединетите Американски Држави, изврши и напад врз Либан, што претставува јасно кршење на првиот став од меморандумот за завршување на војната“, се посочува во соопштението.
„Истакнувајќи го вроденото право на Иран на самоодбрана согласно член 51 од Повелбата на ОН, Министерството за надворешни работи наведува дека Исламската Република Иран ќе го брани својот суверенитет, безбедност и национални интереси со сите свои сили. Одбранбените напади на моќните вооружени сили на Исламската Република Иран врз цели поврзани со агресивните американски сили беа извршени врз таа основа“, се додава во соопштението.
Министерството нагласува дека одговорноста за последиците од оваа ситуација ја сносат агресивниот американски режим и сите страни што на кој било начин соработуваат во извршувањето на американските агресивни дејствија против Иран.
САД доцна синоќа соопштија дека изведоа напади врз ирански ракетни, беспилотни и радарски позиции, обвинувајќи го Техеран дека стои зад нападот врз трговски брод кој пловел низ Ормускиот Теснец.


