САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз товарен брод во Ормускиот Теснец

Објавено:

Американската војска во петокот (26 јуни) изврши напад врз Иран како одговор на ирански напад со беспилотно летало врз товарен брод во Ормускиот Теснец, при што двете земји меѓусебно се обвинуваат за прекршување на условите од прекинот на огнот договорен минатата недела.

Централната команда на САД соопшти дека во нападите од воздух биле погодени складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежни радарски позиции – објави новинската агенција Ројтерс.

Подоцна беше објавена зрнеста црно-бела видеоснимка од експлозија, означена како „некласифицирана“. Американски претставник изјави дека операцијата е завршена.

Иран соопшти дека проектил погодил подрачје во близина на пристанишен мол во Сирик, во јужниот дел на земјата, и дека иранските поморски сили возвратиле со напади врз американски воени цели во регионот. Техеран не соопшти дополнителни детали за тоа кои цели биле погодени, пишува Ројтерс.

Инцидентот се случува во чувствителен момент за преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за постигнување привремен мировен договор, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Трамп, исто така, се закани дека ќе воведе царина од 100 проценти за увоз од секоја земја што воведува данок на дигиталните услуги што ги обезбедуваат американски компании, при што особено ја издвои Европа.

Во објава на социјалните мрежи тој наведе дека тие земји разгледуваат воведување „непосредни“ даноци и дека предложената царина би имала предност во однос на сите претходно договорени трговски спогодби.

Американскиот потпретседател пак, Џ.Д. Венс на социјалните мрежи порача дека Иран треба „да го крене телефонот“ доколку има несогласувања во врска со договорот за прекин на огнот.

„Но, на насилството ќе биде возвратено со насилство“, порача Венс на платформата Икс по американските напади.

Сепак, американски претставник соопшти дека „американските одмазднички напади врз Иран се завршени“.

Американските напади врз Иран, извршени како одговор на напад со беспилотно летало врз товарен брод, се завршени, изјави за агенцијата „Асошиејтед прес“ американски претставник запознаен со ситуацијата.

Потврдата следува околу еден час откако Централната команда на САД на социјалните мрежи објави дека е спроведена воена операција. Претставникот зборуваше под услов да остане анонимен, бидејќи не беше овластен јавно да коментира воена операција што сè уште беше во тек.