Наплатата на даноци и придонеси во првата половина од 2026 година достигна 2 милијарди и 271 милиони евра, што е за 231,8 милиони евра повеќе од истиот период лани и претставува уште една потврда за забрзаното темпо на раст на јавните приходи, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
Според податоците на УЈП, даночните приходи бележат раст од 14,9 проценти, додека приходите од социјални придонеси се повисоки за 7,6 проценти. Особено се издвојува јуни, кога е регистриран раст од 41,6 проценти кај даночните приходи и 12 проценти кај приходите од придонеси во однос на истиот месец лани.
-Овие резултати претставуваат потврда за стабилната наплата на јавните приходи, зајакнатата доброволна усогласеност на даночните обврзници и позитивните економски движења. Стабилната наплата на приходите е еден од клучните предуслови за стабилни јавни финансии, навремено сервисирање на буџетските обврски и обезбедување средства за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и останатите јавни услуги, велат од УЈП.
По основ на данок на добивка во првото полугодие се наплатени 224,5 милиони евра, што е раст од 14,5 проценти на годишно ниво. Од УЈП оценуваат дека ваквите резултати произлегуваат од подобрените финансиски резултати на компаниите и зголемената економска активност.
Од УЈП посочуваат дека истовремено значителен раст е забележан и кај задржаниот данок и данокот на вкупен приход. – Кумулативниот раст во апсолутен износ е речиси 17 пати поголем од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година. Ова укажува на значително забрзано темпо на раст на приходите. Во март и април 2026 година е реализирана највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години, се вели во соопштението.
Кај данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра, што претставува раст од 11,7 проценти. Раст на наплатата е евидентиран секој месец, а најголемо зголемување има кај доходот од работа (особено по договори на дело и авторски права), доходот од закупнини, доходот од капитал и капитални добивки, доходот од игри на среќа, како и кај доплатите по годишниот данок на доход.



