Брзите кредити повеќе нема да се исплаќаат на рака, туку само на банкарска сметка, продавниците за брзи пари ќе мора да воведат внатрешни ревизиски тела. Ова се дел од измените на законот за финансиските друштва кои ги најави министерството за финансии. Со новите правила на игра се предвидува значително заострување на условите за работа на компаниите што одобруваат брзи кредити.
Што се менува во законот ?
Предложените законски измени предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор.
Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, согласно утврдени критериуми за условите на работење.
Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина. Кредитните средства ќе се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека законските измени се подготвуваат по спроведените контроли со кои биле утврдени слабости и непрецизности во постојната регулатива. Таа потсетува дека досега само на една компанија и е одземена лиценцата.
Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги. Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, пишува во соопштението од Министерството за финансии.
Бизнис тежок милиони речиси 200 милиони евра
Во изминативе години е забележан сериозен раст на побарувачката на брзи пари, покажуваат анализите на Народната банка. Според нивните последни објавени податоци за 2024 година, во „продавниците за кеш“ се свртени 169 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од 2023 година. За споредба во 2021 година, овој бизнис „тежел“ 119 милиони евра.
Едно име на реклама друго во државен регистар
Инспекторите годинава забележале и други спорни практики на овие компании како што се рекламирање брзи кредити под брендови без јасно да се наведе кое финансиско друштво ја нуди услугата. Една „продавница за пари “ користи повеќе веб-страници и различно име во промовирањето на брзите кредити во деловните простории од она што е наведено во дозволата за работа што ја добила од Министерството за финансии. Но, фирмите за брзи кредити не се санкционирани, туку предупредени за неправилностите.
Според Законот за заштита на потрошувачите, трговската практика се смета за измамничка ако во рекламата изостануваат клучни информации што се важни за потрошувачот да донесе информирана одлука.
За таквите практики на „продавниците за пари “ како и за тоа кои фирми и сопственици стојат зад фирмите за брзи кредити во земјава, Радио Слободна Европа истражуваше во 2023 година.
Истражувањето покажа дека две третини од добивката во овој сектор го добиваат фирмите основани со странски капитал. Фирмите за брзи кредити се друштва кои функционираат со ниски трошоци, а наплаќаат високи кредитни трошоци и маржи. Тогаш Управата за јавни приходи ( УЈП ) и Министерството за финансии соопштија дека се спроведуваат контроли и дека дел од компаниите се парично казнети, ама не открија повеќе детали.
Во меѓувреме истражувачките стории на ИРЛ и Бирн Призма укажаа на серија злоупотреби со лични податоци на луѓе кои „заглавиле “ со кредити кои не ги побарале, односно други луѓе ги подигнале во нивно име.
Кратката процедура за овие брзи кредити од половина час и со еден документ ги прави примамливи за граѓаните, кои често не се информирани дека зад ова стојат високи каматни трошоци.
За разлика од банките, чија работа ја регулира Народна банка, друштвата се регулирани од Министерството за финансии, па кредити даваат многу полесно, а ризикот го наплаќаат со високи трошоци за кредитите.
Најголемиот дел од добивката од зделките со брзи пари во земјава завршува на салдото на компаниите кои се основани со странски капитал, покажаа тогаш податоците од завршните сметки на овие компании.
Милионери од Летонија, Чешка, Естонија, а најмногу од Бугарија, на македонскиот пазар поседуваат фирми кои нудат небанкарски кредити, односно продавници за кеш.
Според последните податоци од Регистарот на Министерството за финансии, во земјава постојат 26 компании кои нудат брзи кредити. Од 12 фирми основани со странски капитал, дури седум се во сопственост на бугарски бизнисмени и милионери. Според податоците од Народна Банка намалувањето на бројот на фирмите се должи на законските измени од јули 2023 година кога се зајакнати правилата за работење на финансиските друштва и контролата врз ризиците во овој сектор од 35 на 27.
Но, истите податоци покажуваат дека покрај намалениот број на фирми кои нудат брзи кредити, во растот на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва изнесувал 9,6 проценти.
Иако брзите кредити претставуваат релативно мал дел од финансискиот систем, тие можат да создадат сериозни проблеми за дел од населението. Брзите кредити претставуваат околу 7 проценти во вкупниот долг на домаќинствата кои ги забележува Народната банка, додека најголемиот дел, 92,4 отсто се должи на кредити од банки.
Од Народната банка предупредуваат дека ризикот од овие фирми за брзи кредити не е системски, но може да биде голем за ранливи категории на граѓани и да ги доведе до презадолженост. Показателите за кредитниот ризик во 2024 година се подобриле, но значителен дел од кредитите и понатаму се наплатуваат со доцнење.
„Ризиците за финансиската стабилност од овие друштва се поврзуваат со ризикот од предизвикување презадолженост на одделни слоеви од населението, особено на оние со пониски примања, што е поврзано со релативно полесниот пристап до финансирање од финансиските друштва во споредба со построгите кредитни стандарди на банките, но и повисоката вкупна цена на кредитите“, се вели во извештајот на Народната банка.
Кредитите што ги одобруваат финансиските друштва и натаму се меѓу најскапите на пазарот. Приходите што ги остваруваат од кредитната активност надминуваат 50 проценти од вредноста на активните договори за кредит, што е повеќекратно повеќе од банките, каде просечната стапка на вкупни трошоци е околу 7 проценти.


