Повеќе слободни места во средните училишта отколку ученици што завршиле деветто одделение

Објавено:

Првиот уписен рок за учебната 2026/2027 година во средно образование започнува денеска. Според конкурсот на Министерството за образование за учебната 2026/2027 година предвидува над 25.000 слободни места во средните училишта. Официјални податоци од Државниот завод за статистика за завршени деветтоодделеници од учиулишната 2025/2026 година нема. Но, за споредба последните официјални статистички податоци за учебната 2024/2025 година покажуваат дека деветто одделение завршиле 19.673 ученици. Во уписната 2025/2026 година во средно школо се запишале 18.554 ученици. Годината претходно во средно се запишале околу 19 илјади ученици. Години претходно бројката не надминала повеќе од 20 илјади нови средношколци.

Тоа значи дека се очекува годинава да има околу 5.000 повеќе слободни места од бројот на потенцијални кандидати за упис. Во изминативе неколку години статистичките податоци покажуваат намалување на бројот на запишани ученици во прва година средно образование. Само за последните 10 години, бројот на ученици е намален за 27.000 илјади, поради иселувањето и пад на наталитетот, покажа минатогодишното истражување на Центарот за граѓански комуникации. Притоа, во таа декада бројот на основци е намален за 10.000, а бројот на средношколци е намален за за повеќе од 17 илјади ученици. Намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини вклучувајќи го и Град Скопје како целина. Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци во изминативе година има во Скопје и во речиси сите големи градови – Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.

Учениците ќе се запишуваат електронски, документите ќе ги носат физички

Според досегашните податоци на Министерството за образование, годинава се очекува 25 илјади ученици да се запишат во прва година средно образование. За нив се предвидени 17 илјади места во стручното образование, околу шест илјади во гимназиско и речиси 600 места за уметничко образование.

Деветтооделенците оваа година ќе се запишуваат во прва година средно електронски преку порталот uslugi.gov.mk. Тоа денеска ќе може да го направат со посебна најава за ученици од сопствените кориснички сметки на schools.mk. Откако ќе завршат со тоа ќе треба во училиштата во кои ќе конкурираат ќе ја доставуваат потребната документација.

Првиот рок за електронско пријавување стартува од 12 јуни и трае до 15 јуни. За тие што нема да влезат во првиот уписен рок во посакуваното училиште, предвидено е второ пријавување на 23 јуни. Третата шанса е на 20 август.