Американската војска собори два ирански дронови за напад откако силите на Техеран се обидоа да нападнат комерцијални бродови што транзитираат низ Ормускиот теснец, изјави за РСЕ/РЛ висок американски функционер за одбрана.
„Се чини дека Иран вечерва се обидел да нападне комерцијални бродови што транзитираат низ Ормускиот теснец. Американските сили соборија два ирански еднонасочни дронови за напад. Протокот на сообраќај низ теснецот продолжува“, рече функционерот за одбрана.
Иранските државни медиуми објавија рано на 12 јуни дека силите на земјата отвориле оган кон танкер што се обидувал да го премине водниот пат без дозвола од иранските власти. Иранските медиуми соопштија дека се слушнале експлозии во близина на брегот на Сирик, поттикнувајќи стравувања од обновени воздушни напади во услови на наводен моментум на мировен договор.
Врховната воена команда на Иран на 11 јуни објави затворање на теснецот, вклучително и транзитот на танкери за нафта и комерцијални бродови, велејќи дека врз секој брод што ќе се обиде да помине ќе биде отворен оган.
Ова се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп на 11 јуни го поздрави она што го нарече „голем договор“ со Иран за завршување на војната и рече дека мировен договор може да се потпише уште овој викенд, што ќе го отвори теснецот за бродови.
„Тукушто постигнавме одличен договор за војната со Иран“, тврдеше Трамп во Белата куќа, додавајќи дека документите наскоро требало да бидат готови и можеби веќе овој викенд да се потпишат во Европа.
„Теснецот официјално ќе се отвори штом ќе го потпишеме, што би можело да биде наскоро, многу наскоро, можеби во текот на викендот во Европа“, рече тој, додавајќи дека потпретседателот Џ.Д. Венс ќе присуствува на потпишувањето на договорот.
Високи ирански политичари засега не се изјаснија за тврдењата на Трамп. Но, иранската новинска агенција Фарс обајви демант, повикувајќи се на информации од Револуционерната гарда.
Според американскиот медиум Си-Ен-Ен ова е 39 изјава на Трамп со која тврди дека е постигнат мировен договор со Иран.
Договорот, доколку се потврди од двете страни може да биде најзначајниот дипломатски пробив досега за ставање крај на тримесечната војна, во која загинаа илјадници луѓе и нагло се зголемија глобалните цени на енергијата откако Иран речиси го затвори Ормутскиот теснец за бродови.


