Јордан, Кувајт и Бахреин се трите земји кои во текот на изминатата ноќ биле мета на напади од Иран.
Јордан и Кувајт посочија дека биле цел на ирански ракети, но успеале да ги елиминираат заканите. Во Бахреин, пак, иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) целел кон американската Петта флота.
Според тврдењето на јорданската војска, нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале и собориле пет ракети лансирани од Иран кон подрачјето Ал Азрак во провинцијата Зарка.
Рано утрово, од Генералштабот на кувајтската војска посочија оти и нивната противвоздушна одбрана во моментов пресретнува непријателски воздушни цели. Оттаму ги повикаа граѓаните да се„придржуваат до безбедносните упатства и насоки издадени од надлежните органи и да се потпираат на информации од овластени официјални извори“.
Од ИРГЦ, покрај за нападот во Бахреин, посочија оти лансирале ракети со долг отстрел кон воздухопловна база во Јордан каде е стациониран американски воен персонал. Иранската страна тврди оти погодила и уништила четири критички цели во база во Јордан, вклучувајќи и хангари за борбени авиони и главниот команден и контролен центар.
Иранскиот корпус истакна оти ракетниот напад всушност е завршница на поширока операција за одмазда, во која била погодена 21 цел во разни американски воздухопловни и поморски бази ширум регионот и во која бил соборен американски дрон МК-9 (MQ-9) над иранскиот воздушен простор.


