Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека планира да поднесе оставка од функцијата за три-четири месеци, а „можеби и порано“.
„Почнав да ги пакувам книгите од претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат на некоја институција, сè уште размислувам која“, рече Вучиќ говорејќи за Радио Белград.
Но, исто така, кажа и оти размислува за кандидатура за премиер, како и за потенцијален негов наследник на претседателската функција.
„Тоа ќе биде некој поодговорен, се осмелувам да кажам пообразован, поенергичен и човек што знае што е држава“, рече Вучиќ.
Неговата партија Српска напредна странка (СНС) ќе ја претстави листата на кандидати за претстојните парламентарни избори. Сепак, датумот сè уште е непознат. Него треба да го одреди Вучиќ со распишување на изборите.
Зборувајќи за потенцијалните датуми, тој рече дека „тоа нема да биде изненадување за никого“ и оти нема да каже „дека го скратува својот мандат, туку дека поднесува оставка“.
Актуелната власт во Србија, подолг период е под огромен притисок од домашната јавност за распишување предвремени парламентарни избори. Власта изминатиов период се соочи со низа активности и антивладини протести предводени од студените.
Последниот масовен протест беше организиран на 23 мај на кој присуствуваа речиси 200.000 граѓани, според невладината „Архив јавних скупова“.
Додека за масовноста на протестот во Белград сведочеа низа видеоснимки, полицијата излезе со проценка дека на тогашниот собир имало 34.400 луѓе.
Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица.
Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.
Студентите ја блокираа работата на факултетите, маршираа низ цела држава, организираа низа протести и мобилизираа илјадници граѓани. За да се слушне нивниот глас со велосипеди возеа и до Советот на Европа во Стразбур.
Исто така, тие бараат демократизација на земјата и распишување вонредни парламентарни избори на кои најавија учество со сопствена листа.


