Шест уставни судови од балканските држави, членки на Форумот на балканските уставни судови (BCCF), едногласно ja усвоија Охридската декларација за време на 4. годишен состанок, кој се одржа во Охрид.
Целта на Декларацијата е да се утврдат заеднички насоки за зајакнување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на уставните судови, зголемување на довербата на граѓаните во уставното судство, како и одговорна примена на современите технологии и вештачката интелигенција во функција на заштитата на човековите права и владеењето на правото.
Полноправни членки на Форумот се уставните судови од Македонија, Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора и Турција. На годишниот состанок учествуваа и претставници на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој има статус на набљудувач во Форумот, како и претставници на судови од Европа, Азија и Африка и на меѓународни судски институции и организации.
Во Декларацијата се нагласува дека довербата на јавноста претставува основен предуслов за авторитетот и легитимитетот на уставните судови, а се гради преку независно, непристрасно и професионално одлучување и квалитетно образложени одлуки засновани на Уставот.
Посебно значење во Охридската декларација е дадено на примената на вештачката интелигенција во уставното судство.
Уставните судови се согласни дека пристапот кон новите технологии треба да биде отворен, но претпазлив, имајќи ги предвид правните, етичките и организациските ризици поврзани со нивната употреба и ефектите врз правата на граѓаните.
Вештачката интелигенција може да придонесе за поефикасна обработка на предметите, но не смее да ја замени независната судиска анализа, правното расудување и одлучувањето на уставните судии.


