Со месеци нема реагенси за испитување на глутен на Институтот за имунологија, ќе стигнеле од понеделник

Објавено:

Најмалку пет – шест месеци Институтот за имунологија нема реагенси за испитување на интолеранција или алергија на глутен, што не се прави на друго место во јавното здравство и што е важно за пациенти на кои допрва треба да им се постави дијагноза, но и за пациентите со целијакија – автоимуна болест при која организмот реагира на овој протеин кој се наоѓа во пченицата, ‘ржот и јачменот.

„Имам постојани болки и грчеви во стомакот од непозната природа што со лекови не поминуваат. Матичната докторка ме прати на Институтот за имунологија да испитам дали можеби глутенот ми го предизвикува проблемот. Тоа беше околу Нова година, тогаш немаше реагенси и уште нема“, вели пациентка од Скопје за Колегиум.мк.

Нашата соговорничка размислувала да го направи испитувањето во приватна лабараторија, но ѝ било кажано дека ако има проблем со глутенот, тие испитувања клиниките потоа нема да ѝ ги признаат и ќе ѝ бараат резултати од Институтот за имунологија.

„Ми дадоа телефонски број од Институтот, по еднаш неделно им праќам смс-порака за тоа дали стигнале реагенсите. И секој одговор од нив е дека уште ги нема. Последната порака ја добив од пред неколку дена“, раскажува пациентката.

Но, затоа пак, пациентите со веќе дијагностицирана целијакија не можат да чекаат. Тие мора да ја следат состојбата со глутенот за да ја контролираат болеста, со која веќе седум години живее и 33-годишната Сара Каракамчева од Гевгелија.

Таа е претседателка на Здружението на целијакичари и вели дека и порано сведочела на ваков недостиг, иако крвната анализа поврзани со реакцијата на организмот на глутен е особено важна за да се види дали „пациентот е на вистинскиот пат“.

„За жал, овие реагенси ги има само на Институтот во Скопје, кога ги има, нормално. Ние од другите градови низ државата мора да доаѓаме за Скопје специјално за тоа или да ги направиме во која било приватна лабараторија низ Македонија. Испитувањата за антитела мора да ги правиме на овој начин бидејќи и кога нема реагенси на Институтот за имунологија и самите доктори нѐ праќаат во приватни лабаратории“, објаснува Сара за Колегиум.мк.

А пациент со тукушто дијагностицирана целијакија и со крвна анализа од приватна лабараторија, може да има проблем да го остави правото за безглутенско брашно на товар на Фондот за здравство, за кое е потребно и конзилијарно мислење.

Сара вели дека ваквото брашно на овие пациенти им е од клучно значење во секојдневието. Сепак, здружението не располага со податок за бројот на пациенти со ваквата автоимуна болест бидејќи како што заклучува таа, дури и при симптоми, матичните лекари не инсистираат да се направи ваквото испитување.

Голема е бројката на недијагностицирани пациенти

Реагенсите, според одговорот кој Колегиум.мк го доби од Министерството за здравство, ќе бидат достапни на Институтот за имунобиологија и хумана генетика веќе од понеделник, откако минатиот месец е завршена постапката за јавна набавка на количините за следниот период.

Инаку, набавката на реагенси за испитување на интолеранција кон глутен подлежи на процедурите за јавни набавки организирани од Медицинскиот факултет во Скопје. Тоа значи дека потребите за сите конкретни китови/реагенси се планираат пред почетокот на годината, а за период од една година – одговорија од Министерството за здравство.

Нема податок колку луѓе во Македонија имаат здравствени проблеми поради интолеранција или алергија на глутен, иако се смета дека трендот е како и во светот – дека има „темна бројка“ на пациенти на кои не им е поставена дијагноза и покрај здравствените проблеми со кои се соочуваат.

Се проценува дека повеќе од еден милион Европејци боледуваат од целијакија. На еден дијагностоциран болен има најмалку седум што не се препознаени (дијагностицирани). Болеста ги зафаќа сите возрасни групи од двата пола, а може да се појави кај доенчиња или пак кај возрасни. Различните симптоми на оваа болест долго може да бидат неоткриени бидејќи се преклопуваат со други здравствени состојби.

Симтоми и знаци на целијакија се дијареа, замор, абдоминална болка, губење на тежина, надуеност и гасови…Слични се и симтомите на интолеранција на глурен. Алергијата на глутен, пак, може да вклучи гадење, чешање, отекување на усните и јазикот, проблеми со дишењето.

Се проценува дека речиси 40 отсто од светската популација е нетолерантна на глутен.