Вучиќ по шемата Путин – Медведев: Премиер место пензионер

Објавено:

Повлекување од политиката или тактика за опстанок на власт? Тоа прашање ја следи изјавата што Александар Вучиќ, претседателот на Србија, ја изнесе пред илјадници свои приврзаници собрани на митинг во центарот на Белград. Им рече дека ќе биде „уште само неколку недели претседател“ на државата.

Ако тоа се случи, би се повлекол нешто помалку од една година пред законски да му истече претседателскиот мандат во мај 2027. Вучиќ двапати беше избран за претседател, а бидејќи Уставот не дозволува трет мандат, повторно не би можел да се кандидира.

Но, ова не е првпат да најавува повлекување.

Во јавноста нудел повлекување во ситуации на помали и поголеми политички кризи. Последниве година и пол се соочува со една од најсериозните – бран протести со барања да се запре корупцијата и да се распишат вонредни избори. Досега ги одбиваше тие повици за избори.

Професорот на Факултетот за политички науки во Белград, Душан Спасојевиќ, за Радио Слободна Европа, оценува дека во неговата последна изјава може да се чита намерата за преминување на позицијата премиер на Србија.

„Неговиот евентуален доаѓање на позицијата премиер само би го ставило уставно таму каде што веќе е – клучна политичка фигура која ги носи сите одлуки во земјата“, вели Спасојевиќ.

Примена на планот Путин – Медведев

Овој популистички лидер и неговата Српска напредна партија се носители на власта од 2012 година. Вучиќ во тоа време бил потпретседател на Владата, потоа премиер, а од 2017 е претседател на државата.

„Неговата власт од 2012 година се менуваше така што со текот на времето сè помалку зависеше од други актери и политички стануваше сè посилен“, укажува Спасојевиќ.

Тој верува дека со неговата оставка во таа смисла не би се променило ништо значајно.

„Ми делува како покренување на планот Путин–Медведев“.

Мило Ѓукановиќ „ја провери“ шемата на Владимир Владимирович

„Како акциите што (поранешниот црногорски лидер) Мило Ѓукановиќ ги изведуваше повеќепати“, вели аналитичарот Спасојевиќ.

Актуелниот претседател на Русија, Владимир Владимирович Путин, е непрекинато на власт од 1999 година. За да ги избегне уставните ограничувања за останување на власт, наизменично беше на функциите претседател и премиер. Додека Путин беше премиер, претседател беше Дмитриј Медведев.

По сличен модел владееше и поранешниот црногорски премиер и претседател Мило Ѓукановиќ. Тој три децении беше лидер на тогаш владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС). Ѓукановиќ, менувајќи позиција за позиција, повеќекратно беше премиер, а помеѓу тие претседателски мандати двапати беше претседател на Црна Гора.

На хартија ограничени овластувања, во пракса голема моќ

Аналитичарот Радивоје Грујиќ, за новинската агенција Ројтерс, вели дека Вучиќ има план, но дека тој план не е за повлекување од српската политичка сцена.

„Тоа никако не значи крај на политичката кариера на Вучиќ,“ вели Грујиќ за Ројтерс, а пренесе Дојче Веле на српски јазик.

Според него, Вучиќ веќе има план кој никако не подразбира политичка пензија.

Вториот претседателски мандат на Вучиќ редовно завршува крајот на мај следната година. Третпат повеќе не може да се кандидира. Мандатот на сегашниот парламент трае до февруари 2028 година. Се очекува Вучиќ да распише предвремени парламентарни избори и како носител на листата на СНС да се обиде да го освои местото премиер во случај на изборна победа, пишува српски Данас.

И самиот во неколку наврати најави дека предвремените парламентарни избори би можеле да се одржат уште оваа година, но конкретен датум сè уште не е објавен.

Како претседател на Републиката, Вучиќ формално има претежно протоколарни овластувања. Но, во пракса од 2012 година самостојно одлучува за сите важни прашања во Србија, независно од функцијата што ја врши. Претседател на Владата веќе беше од 2014 до 2017 година.